На денешната седница на Советот на Општина Битола свое обраќање имаше градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Во продолжение интегрално го објавуваме неговиот говор.
„Како Општина сериозно и темелно ги решаваме проблемите во градот. Еден од нив беше и урбаната опрема ( се мисли на просторот пред кафе баровите), дали да ја има и во која форма. Да, ќе ја има и натаму но, сега на пример пиењето кафе ќе бида како во западноевропските градови. Таму ни се допаѓа како е тоа решено, тоа без исклучок сите го кажуваат, затоа Европа треба да ја донесеме и тука. И не е само кафето на Широк сокак. Решенија нудиме и за другите јавни простори имајќи предвид дека старото градско јадро има свои правила, кои произлегуваат од законите на Управата за заштита на културно наследство, ингеренциите на музејот и одлуките кои ги носи Советот.
Дозволете ми да се осврнам на еден значаен документ кој денеска се наоѓа на оваа 8-ма седница.
А, тоа е програмата за поставување на урбана опрема на јавни површини на подрачјето на Општина Битола.
Стручната фела повеќе месеци работеше на оваа програма, се со цел да се има еден стратешки документ околу поставувањето на урбаната опрема, која не го опфаќа само просторот пред угостителските објекти туку таа ги решава сите места, односно јавни површини во нашата општина.
Под поимот урбана опрема подразбираме и билборди и киосци во централното градско подрачје, клупи, канделабри, детски паркови со реквизити и други елементи.
И секако со овој документ, веќе нема да се случува како досега два пати годишно да се носи измена на програмата, која е стара скоро 10 години. Сега имаме решение и за она што најмногу беше присутно во јавноста, а што претходниот состав на Советот не успеа да го донесе, но го започна, а тоа е урбаната опрема и пред локалите на битолски Широк сокак.
Организирани беа неколку средби со стручната фела, здружението на угостители од Битола, заинтересирани правни и физички лица и на крајот се дојде до овој документ, кој во предвид зеде дел од забелешките, мислењата на заинтересираните и пред се барањата на граѓаните.
Ова ќе значи, а и тие беа согласни дека не беше убава слика на најамбиенталната улица во Битола, дека нема да има оградување како што тоа беше досега во зимскиот период, а истото се однесува и за сите останати делови од градот кои се на јавна или приватна површина односно земјиште за општа употреба.
Се отстрануваат исто така и сите киосци во централното градско подрачје , кое е заштитена зона како старо градско јадро, а во изминатиот период беа отстранети и билбордите во центарот на Битола.
Сето ова се прави со цел Битола да наликува на европска град, урбан и модерен град како што тоа го гледаме кога патуваме во странство, притоа слушајќи ги апелите на граѓаните во изминатите четири години.
Исто така многу важен документ за кој денеска ќе расправате е и Одлуката за поставување урбана опрема-тезги и трицикли на подрачјето на општина Битола ( градскиот парк и шеталиштето), како и одлуката за утврдување на почетна цена за давање под закуп на микролокации предвидени за поставување на тезги и трицикли.
Сето ова ќе даде решение, односно организираност на сите елементи на јавните површини, со цел поубав и функционален простор“, рече Коњановски.
…












