Венеција ги врати обврзителните влезници за еднодневни посетители, по цена од 10 евра, пренесува германската агенција ДПА. Новата мерка ќе важи за 60 конкретни датуми до крајот на јули, а оние кои планираат однапред и резервираат барем три дена претходно, ќе можат да ја купат картата по намалена цена од 5 евра.
За разлика од еднодневните туристи, гостите кои преноќуваат во Венеција се ослободени од оваа такса, но сепак плаќаат редовен туристички данок за секоја ноќ помината во градот. Лани, повеќе од 720.000 еднодневни посетители поминале низ историскиот центар, оставајќи приходи од околу 5,4 милиони евра.
Влезницата првично беше воведена како експеримент, но сега стапи во третата година, со цел да се олесни управувањето со огромниот број туристи. Сепак, критичарите предупредуваат дека наплатата не е доволно ефективна за да ги намали посетителите, додека бројот на жители во срцето на Венеција продолжува драматично да опаѓа.












