Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, упати искрени честитки до атлетскиот клуб „Олимп“ по нивниот извонреден настап на Државното првенство и Купот на Македонија на 10.000 метри, одржани во Национална арена „Тодор Проески“.
„Олимп“ од Битола доминираше на атлетската патека, освојувајќи прво место во екипна конкуренција и кај мажите и кај жените, со што уште еднаш го потврди својот квалитет и континуитет на домашната спортска сцена.
Во индивидуална конкуренција, најсилен впечаток остави Дарија Крстевска, која со време од 40:14 го освои првото место и постави нов национален младински рекорд. Веднаш зад неа заврши Адријана Поп Арсова Рашиќ, додека Ирма Хајдари го освои четвртото место. Третата позиција и припадна на Фросина Михајловска од АК „Аеродром“.
Кај мажите, Димитар Илиев го освои второто место, додека Димитар Петровски и Григорјан Никоски се пласираа на петтата и седмата позиција. Победник во машка конкуренција беше Дарио Ивановски од АК „Скопски Маратон“, кој постави нов национален рекорд, додека третото место го освои Жан Тосев од АК „Струмица“.
Коњановски истакна дека овие резултати се доказ за посветената работа на спортистите и стручниот тим, нагласувајќи дека Битола ќе продолжи да го поддржува развојот на спортот и младите таленти.
„АК ‘Олимп’ е вистински амбасадор на Битола. Овие успеси се мотив повеќе да вложуваме во спортот и да создаваме услови за нови шампиони“, порача Коњановски.












