Грција ја зголемува својата воена моќ со нов, високотехнолошки удар: атинските власти потпишаа договор за набавка на израелскиот ракетен артилериски систем PULS, соопшти ДПА.
Според информации од грчкото Министерство за одбрана, системот ќе биде опремен со ракети кои можат да стигнат од 35 до 300 километри, вклучувајќи и прецизно наведувани проектили. Овој потег ја потврдува стратешката определба на Грција да ги модернизира своите вооружени сили, со буџет кој до 2036 година се проценува на 28 милијарди евра.
Иако официјално не е соопштен финансискиот дел на договорот, Reuters минатата година објави дека Атина планира набавка на 36 системи PULS со вредност од околу 650 милиони евра.
Соработката меѓу Грција и Израел станува сè поинтензивна, поттикната и од напнатите односи на двете земји со Турција во источниот Медитеран. Двете држави редовно одржуваат заеднички воени вежби и ја координираат експлоатацијата на воздухопловна база на југот на Грција, создавајќи цврста воена алијанса во регионот.












