Кремљ упати остро предупредување до САД дека дозвола за користење на американски крстосувачки ракети „Томахавк“ против цели во Русија би значела „директно американско учество во војната“.
Реакцијата дојде откако медиумите објавија дека администрацијата на Доналд Трамп разгледува украинско барање за испорака на овие ракети со дострел од 2.500 километри – доволни да ја погодат Москва.
Зеленски изјави дека токму ова оружје може да ја примора Русија на прекин на војната, а Трамп наводно му рекол: „Ќе работиме на тоа“. За разлика од Џо Бајден, кој го одби барањето, Трамп даде зелено светло за далекуметни удари врз руска територија.
Специјалниот пратеник Кит Келог потврди за „Фокс њуз“ дека американскиот претседател дозволил на Киев да изведува удари „длабоко во Русија“, нагласувајќи дека „нема безбедни засолништа“.
Иако во Пентагон има дилеми околу ваквите одлуки, Трамп и неговиот тим сметаат дека Украина со европска поддршка може да ги врати сите свои територии.










