Пет години постои палачинкарата „Сакаш“, бизнис што започна скромно, во мал дрвен киоск од пет квадрати. Гордан Миленковски, тогаш само 19-годишен, ја имал идејата за сезонски бизнис во летните месеци, но наместо тоа „Сакаш“ многу брзо прерасна во постојан дел од скопската гастрономска сцена. „Никогаш не мислевме дека ова ќе стане целогодишна приказна. Почнавме од љубов кон палачинките и желбата да направиме нешто поразлично. Но луѓето реагираа веднаш – и така малата идеја стана голема обврска“, вели Гордан.
Иако почетната замисла беше нешто мало и привремено, палачинките на „Сакаш“ станаа вистински хит, производ што не е „само обична палачинка“, туку must try, must eat, must have искуство за различни генерации потрошувачи. „Нашата цел отсекогаш била да направиме палачинка што ќе биде доживување. Не само вкусна, туку и искуство што се памети“, додава Гордан.
Токму квалитетот и креативноста во понудата, комбинирани со искрена енергија и посветеност, овозможија „Сакаш“ да создаде лојална база на купувачи кои се враќаат повторно и повторно. Дополнително на тоа, беше фактот што „Сакаш“ од самиот почеток работи на дигитална промоција. Брендот почна да користи социјални мрежи како главна маркетинг алатка за да допре до младата публика и да изгради препознатлива заедница околу себе. Но, ни тоа не беше доволно да се излезе од микро-локалните рамки на првиот капацитет на „Сакаш“ во населба Илинден, иако многумина патуваат и до Илинден за да ги вкусат нивните палачинки.
Иако побарувачката постоела од самиот почеток, „Сакаш“ долго време не се осмелувал да воведе достава, чекор што бара сериозна логистика и организација. Пресвртниот момент дојде со партнерството со Wolt, кој ја презеде таа улога и овозможи палачинките да стигнуваат до поширока публика. „Ние знаеме да направиме одлична палачинка, но достава не беше нешто што можевме да го изведеме сами. Кога се појави Wolt, сфативме дека тоа е можност за раст без ризик – ние се фокусираме на вкусот, тие на брзината и сигурноста“, раскажува Гордан.
Резултатите не доцнеа – дневниот обем на продажба се зголеми за 20%, а бројот на испечени палачинки порасна. „Откако ќе ја примиме нарачката од Wolt, за девет минути таа е готова и уште за толку време е веќе кај потрошувачот. Верувам дека заедно создадовме најбрза достава во Скопје“, вели тој.
Оваа динамика и сигурноста што му ја овозможи доставата, го охрабрија тимот да оди чекор понатаму. „Сакаш“ веќе се подготвува за отворање на нов локал во голем трговски центар, со што и бројот на вработени порасна над 40 млади луѓе, со планови за дополнително проширување на понудата. „За нас ‘Сакаш’ не е само бизнис, ние градиме енергија и култура. Тимот е млад, мотивиран и знае да работи, но и да се дружи. Сакаме луѓето да доаѓаат на работа со насмевка, затоа често организираме тим билдинзи. Веруваме дека кога тимот е среќен, и палачинките имаат поубав вкус“, вели Гордан со насмевка.
Приказната на „Сакаш“ е пример како мал бизнис, со вистинска идеја, квалитет и соодветна поддршка, може да израсне во перспектива за поширок раст. Од мал киоск до бренд со препознатливо име, од сезонски план до целогодишен успех, „Сакаш“ докажа дека кога зад производот стои визија и љубов, палачинките можат да бидат многу повеќе од обичен десерт – тие стануваат дел од културно искуство што градот го прифаќа како свое.
Унгарската МОЛ со амбиции да преземе дел од „Лукоил“
Унгарската енергетска компанија МОЛ изразила интерес за купување на дел од меѓународните средства на санкционираниот руски нафтен гигант „Лукоил“, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на три извори запознаени со разговорите. Со тоа, МОЛ се приклучува на сè поголемиот круг потенцијални купувачи заинтересирани за имотот на „Лукоил“ во странство.
Санкциите што САД ги воведоа во октомври врз најголемиот приватен руски производител на нафта имаат за цел да извршат притисок врз Москва да ја прекине војната во Украина. Како резултат, „Лукоил“ беше принуден да стави на продажба значаен дел од своите странски операции, а моментално преговара со „Ексон Мобил“, „Шеврон“ и инвеститори од Блискиот Исток. Вашингтон претходно ја одби швајцарската компанија Гунвор како можен купувач.
Странските средства на „Лукоил“ со седиште во Виена опфаќаат рафинерии во Европа, удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак и Мексико, како и широка мрежа бензински пумпи ширум светот. Според еден од изворите на Ројтерс, МОЛ е заинтересирана за европските рафинерии и продажната мрежа на „Лукоил“, како и за удели во капацитетите за производство во Казахстан и Азербејџан.
Американското Министерство за финансии одбило да даде коментар, а МОЛ и Белата куќа не одговориле на новинарските прашања.
Унгарија значително се потпира на руската енергија, а премиерот Виктор Орбан, кој е 15 години на власт, настојува да одржува балансирани односи со Москва и Вашингтон. Ројтерс потсетува дека МОЛ е заинтересирана и за купување на српската рафинерија НИС, која исто така е под американски санкции и се наоѓа под руска контрола.
Глобалните трошоци за храна продолжуваат да се намалуваат и во ноември
Цените на храната на светските пазари продолжија да паѓаат и во ноември, трет месец по ред, при што најголем пад е забележан кај млекото, млечните производи и растителните масла, соопшти агенцијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО).
Според новите податоци на ФАО, во октомври цените се намалија за 1,6 проценти на месечно ниво, додека во ноември индексот на цените на кошничката основни прехранбени производи изнесувал 125,1 поени, што е за 1,2 проценти пониско од октомвриското ниво.
Индексот покажува дека глобалните цени на основните прехранбени производи се пониски за 2,1 процент споредено со истиот период лани, јавува Хина.
Најголемо намалување е забележано кај шеќерот – пад од 5,9 проценти во однос на октомври, како резултат на очекуваната силна понуда и високо производство во Бразил, Индија и Тајланд.
Цените на млекото и млечните производи се намалени за 3,1 процент, пред сè поради падот кај путерот и полномасното млеко во прав, поддржан од зголемено производство и изобилство на понуда во главните светски региони.
Растителните масла поевтинија за 2,6 проценти, при што особено се издвојува сончогледовото масло, чии цени паднале поради подобрената понуда од регионот на Црното Море.
Месото е поевтино за 0,8 проценти, што се должи на пониските цени на живинското месо поради изобилна понуда и засилена глобална конкуренција. Пад е забележан и кај свинското месо, како резултат на слаба побарувачка во Европската Унија и кинеските тарифи кои го ограничуваат увозот.
За разлика од другите категории, цените на житарките пораснаа за 1,3 проценти во споредба со октомври. Цената на пченицата скокна за 2,5 проценти поради стравувањата дека конфликтите во регионот на Црното Море би можеле да го нарушат снабдувањето и да ги намалат засадените површини во Русија.
39 домашни компании добија 12,7 милиони евра од унгарски кредит
Развојната банка ја исплати седмата транша од кредитната линија за инвестиции и развој на компаниите, во износ од 12,7 милиони евра, која е наменета за 39 одобрени проекти на домашни фирми. Исплатата е реализирана преку деловните банки.
Средствата се распределуваат за проекти на едно микро, 21 мали, девет средни и осум големи компании. Најголемиот дел од средствата, 12,2 милиони евра, се наменети за инвестиции во градежи и опрема, додека 243 илјади евра се за обновливи извори на енергија, а 300 илјади евра за транспортни средства. Најголем дел од средствата одат кон 21 проект на компании со претежна производствена дејност.
Со оваа транша, Развојната банка досега исплатила вкупно 203,3 милиони евра кон деловните банки од предвидените 250 милиони евра, со што се поддржани 721 проект на домашните компании.