Connect with us

Магазин

Илија Димовски Гоче добива заслужена спомен-биста во Алејата на великаните

1 ноември 2025 година, Скопје, Македонија – На 4 ноември 2025 година, вторник, со почеток во 11.00 часот, во Алејата на великаните на градските гробишта БУТЕЛ, ќе се одржи комеморација со откривање на спомен-биста на Илија Димовски – Гоче, командант на Првата македонско-егејска ударна бригада на Народно-ослободителната војска на Македонија.

Една благородна иницијатива на Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Скопје и Светскиот Македонски Конгрес, со донација на Македонците во Австралија и Канада се реализира со реконструкција на гробното место на легендарниот командант Илија Димовски Гоче. Од запустен и од речиси сите заборавен гроб, со финансиска поддршка на Македонци од Австралија и Канада, вечното почивалиште на Илија Димовски Гоче во алејата на великаните на градските гробишта Бутел добива уредено гробно место со спомен-биста за вечен помен и спомен на еден прекален Македонец, борец од Втората светска војна.

Со благослов на Неговото Блаженство г.г. Стефан Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, панихида ќе отслужат свештеници на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, а присутните ќе ги поздрават Ташко Јованов и Тодор Петров. За животот и делото на командатот Илија Димовски Гоче ќе зборува д-р Ицо Најдовски Перин од Мелбурн, Австралија.

Повеќе делегации и претставници на институции на власта, општини, здруженија на граѓани и политички партии ќе положат цвеќе на гробот на Илија Димовски Гоче.

На комеморацијата и откривањето на спомен-бистата поканети се сите добронамерници и почитувачи на животот и делото на командантот Илија Димовски Гоче.

Обезбеден е автобус за гробиштата којшто тргнува во 9.30 часот кај Дрводекор до хотелот “Холидеј-Инн” во Скопје.


Илија Димовски Гоче е роден во 1905 година во село Статица, Костурско. Тој е македонски национален деец од Егејскиот дел на Македонија, борец за националните права на Македонците под Грција, учесник во Народно-ослободителната војна на Грција и Македонија.

Во работничкото и македонското национално-ослободително движење се вклучил во предвоениот период. Тој е учесник во ВМРО-Обединета поради што е прогонуван и интерниран. Во 1941 година се отцепил од КПГ и формирал посебна македонска партиска организација со македонска национална платформа.

Од 28 февруари 1943 година е командант на Партизанскиот одред “Вичо“. На 2 август 1944 година станал комесар, а набргу и командант на Леринско-костурскиот македонски батлјон во составот на ЕЛАС.

На 12 октомври 1944 година е поставен за командант на Леринско-Костурската македонска бригада. Поради опасност од расформирање доколку останат на територијата на Егејскиот дел од Македонија, македонските баталјони се повлекле од составот на ЕЛАС и од нив на 18 ноември 1944 година во битолското село Драгош била формирана Првата македонска егејска ударна бригада на Народно ослободителната војска на Македонија. Оваа бригада е првата која продефилирала во ослободена Битола. При формирањето во нејзиниот состав влегле Првиот Костурски, Вториот Лерински, Третиот Воденски и Четвртиот баталјон на тешко оружје. Петтиот баталјон на бригадата бил приклучен подоцна и бил составен од Македонци од Бугарија. Со прилив на нови борци набрзо бил оформен и Шестиот баталјон. Илија Стефов Димовски – Гоче бил поставен за командант на бригадата.

На 3 јануари 1945 година бригадата била прекомандувана во Гостивар и Тетово, каде учествувала во ликвидирањето на балистичките банди. Но, заради заштита на границата со Грција, во почетокот на март 1945 година, Бригадата била стационирана во Битола и Гевгелија. Меѓутоа, заради меѓународни импликации во врска со Грција и тамошната ситуација, со наредба број 236 од 2 април 1945 година на Главниот Штаб на Народно-ослободителната војска на Македонија, бригадата била расформирана, а нејзиниот боречки состав распореден во други единици.

Најголемиот дел од борците на Бригадата, подоцна се вратиле во Егејскиот дел на Македонија, каде биле создадени првите одреди на Народно-ослободителниот фронт, а потоа станале и борци во единиците на Демократската армија на Грција. Во овие единици Македонците повторно покажале огромна пожртвуваност во борбата за слобода.

Во септември 1946 година, Илија Димовски Гоче командувал со македонските партизански единици на Народно-ослободителниот фронт на планината Вичо, а во почетокот на 1947 со баталјон на Демократската армија на Грција.

Бил член на главниот одбор на Народно-ослободителниот фронт на Македонците од егејскиот дел на Македонија. Носител е на партизанска споменица од 1941 година

Починал на 26 јуни 1961 година во Скопје, а погребан е во алејата на великаните на градските гробишта Бутел во Скопје.

Advertisement

Магазин

Црква од 6 век во тетовскиот „Стар манастир“

„Стар манастир“ се смета за еден од најстарите сакрални објекти за кого први записи се пронајдени во 1326 година

ТЕТОВО – На локалитетот Лешочко Кале започнуваат археолошки истражувања на стар манастирски комплекс од пред повеќе векови. Истрагите што ги иницираше Музејот на тетовски крај, а се реализираат преку Националниот конзерваторски центар, финансирани од Министерството за култура, се насочуваат кон објекти што во 14 век претставувале епископски центар, но истовремено црквата „Св. Атанасиј“ која се’ уште опстојува, ќе се утврдува дали била градена на стар црковен објект од 6 век. Подготовките за почеток на археолошките истражувања веќе се завршени, па според најавите од Националниот конзерваторски центар наскоро ќе започнат. Годинава се планирани сондажни истражувања кои ќе траат околу еден месец. Во наредни фази кои според проектот би се одвивале од наредната година, ќе се пристапи кон конзервација. На овој комплекс забележани биле и поранешни истражувања во два-три наврати, а тогашните и сегашните наоди ќе послужат за поставување сонди до самата здравица, заради заштита и создавање услови на некогаш подигнатите објекти. 

Со организираните археолошки истражувања ќе се стави крај и на беснеењето на дивите копачи од кои една група откриени минатата година, им беше судено и им беа изречени затворски казни. 

Манастирскиот комплекс „Стар манастир“ се смета за еден од најстарите сакрални објекти за кого први записи се пронајдени во 1326 година. Јеромонахот Јоаникиј како единствен ктитор најнапред ја подигнал манастирската црква со пари, што ги обезбедил продавајќи го целиот имот на својот татко. Црквата била подигната на стари темели и градба од шестиот век, што е потврдено со пронаосот, на кој на десниот ѕид до неодамна биле видливи фреските. Во двориштето Јоаникиј изградил и конаци, келии и други објекти, а манастирот „Св. Атанасиј“ останал седиште на Полошката епископија како управен, духовен и културен центар на 14 век под јурисдикција на Охридската архиепископија. Создадени биле услови за живот на монаси и членови на манастирското братство, но и како место каде се школувале свештеници. Манастирскиот комплекс под разни влијанија неколку пати бил разурнуван, а најмногу последици имал во наездата на турските башибозуци во 1689 година. Први ископини биле вршени во 1927 година, кога биле откриени остатоци од разурнатата црква, три саркофази од кои еден бил на јеромонахот Јоаникиј, осамен гроб, две гробници и други објекти. 

Од фрескоживописот очигледни биле делови на свети маченици, свети војници како и фреската насловена како „Угостувањето на праведниот Аврам“, но и делумни истраги биле вршени во 1981 година.Меѓутоа, очигледно е дека целиот простор бил оставен и запуштен, објектите оштетувани и од луѓе, но и од забот на времето, а свое влијание извршиле и дивите копачи кои во потрага по закопаното благо, нанеле огромни штети на просторот.

Continue Reading

Магазин

Револуционерен третман го поништува досега неизлечивиот рак на крвта кај деца и возрасни

Лондон, 9 декември 2025 – Научниците развија нов третман кој кај дел од пациентите целосно ја поништува акутната лимфобластна Т-клеточна леукемија, една од најагресивните и досега неизлечиви форми на рак на крвта.

Терапијата се базира на прецизно уредување на ДНК во белите крвни клетки, трансформирајќи ги во „жив лек“ што активно го напаѓа туморот. Првата пациентка што го примила третманот, девојче со тешка форма на леукемија, денес нема никакви знаци на болеста и според британските медиуми планира да се посвети на научни истражувања за малигни заболувања.

Во следната фаза од клиничките испитувања, осум деца и двајца возрасни биле третирани со генетски модифицирани клетки. Резултатите се охрабрувачки: 64 проценти од пациентите влегле во ремисија, што претставува најдобар исход досега кај оваа група болни.

Т-клетките, кои обично го штитат организмот од инфекции и тумори, кај оваа форма на леукемија стануваат неконтролирани и сами го предизвикуваат ракот. Кај испитаниците, класичните терапии како хемотерапија и трансплантација на коскена срцевина биле неуспешни, а единствената друга опција била палијативна грижа.

Овој медицински напредок отвора надеж дека гено-терапијата може да понуди реална шанса за излекување на пациенти со една од најагресивните детски малигни болести.

Continue Reading

Магазин

Огромна црна дамка на Сонцето

Лабораторијата за соларна астрономија при рускиот Институт за вселенски истражувања (ИКИ) соопшти дека изминатата ноќ на Сонцето е забележана црна дамка предизвикана од експлозија на водород.

Експлозијата се случила околу полноќ, московско време, и резултирала со црна дамка која се проширила на дијаметар од околу милион километри, пренесуваат руските медиуми.

Сончевите дамки се класифицираат во пет групи според јачината на рендгенското зрачење: A, B, C, M и X. Појавата на големи дамки може да предизвика магнетни бури на Земјата, кои, пак, влијаат на енергетските мрежи, краткобрановата комуникација, навигациските системи, како и на миграционите рути на птиците и животните.

Научниците нагласуваат дека сè уште нема цврсти докази за директно влијание на магнетните бури врз здравјето на луѓето, но следењето на Сонцето и понатаму останува од клучно значење за заштита на технологијата и инфраструктурата на Земјата.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг