Американскиот носач на авиони „Џералд Р. Форд“, најголемиот воен брод на светот, пристигна на Карибите, соопшти во неделата американската морнарица, предизвикувајќи шпекулации за следните потези на Вашингтон против бродови во регионот кои наводно шверцуваат дрога.
Според морнарицата, распоредувањето на носачот е наредено од Пентагон со цел „уништување на транснационалните криминални организации и сузбивање на наркотроризмот во одбрана на татковината“.
Бродот веќе пред неколку дена влегол во оперативната зона на Американската јужна команда, која ги опфаќа Карипското Море и водите долж Централна и Јужна Америка.
Во четвртокот, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, кој во јавноста сè почесто го нарекуваат „министер за војна“, ја најави операцијата „Јужно копје“, насочена кон борба против шверцот на наркотични средства во регионот. Не откри конкретни информации за можни напади или локации, пренесе Хина.
Во последните недели, американската војска повеќепати ги таргетираше бродовите за кои тврди дека превезуваат нарко-криумчари на Карибите и во Пацификот. Пентагон за агенцијата dpa потврди дека до почетокот на неделата извршил 20 напади во кои биле убиени 79 лица.
Вашингтон ги обвинува криминалните банди, дел од кои доаѓаат од Венецуела, за приливот на дрога во САД.
Каракас ја осуди засилената американска воена активност како заканувачки чин.
Нападите предизвикаа меѓународни реакции и го поттикнаа ОН да ја повикаат Америка да се воздржи од понатамошни напади.
Распоредувањето на носачот ги засили сомнежите дека Вашингтон можеби има намера да го собори режимот во Венецуела, земја со најголеми резерви на нафта во светот.
Администрацијата на Доналд Трамп го обвинува венецуелскиот претседател Николас Мадуро дека е вмешан во трговија со дрога кон САД. Трамп неодамна потврди дека одобрил тајни операции на ЦИА во Венецуела.










