Белград, 27 ноември 2025 година – Нелт Група за 2025 година проектира приход од 1,5 милијарди евра, што претставува раст од 9% во однос на 2024 година. Во рамките на стратешкиот циклус „Подем 2030“ (ориг. „Успон 2030“), од вкупно планираните 400 милиони евра инвестиции, повеќе од 30 милиони евра се веќе инвестирани во логистичка инфраструктура, производство и дигитализација, соопштија денес на годишната прес-конференција на Нелт Група.
На претставниците на медиумите им се обратија Дарко Лукиќ, генерален директор на Нелт Група, Горан Церовина, потпретседател за Адрија пазарите, Ненад Мишчевиќ, потпретседател за пазарот на Србија, Соња Тодорова, потпретседателка за работењето на брендови на Нелт, и Бојана Муциќ, извршна директорка за човечки ресурси на Нелт Група.
„И покрај екстерните предизвици, на ниво на Група остваривме консолидиран раст на приходите од 9% во однос на 2024 година. Во согласност со стратегијата ‘Подем 2030’, посветени сме на нашата визија и мисија – да создадеме ефикасен и одржлив екосистем кој ги поврзува луѓето и брендовите преку извонредност во дистрибуцијата, сигурна логистика и експертиза во управувањето со брендови“, истакна Дарко Лукиќ, генерален директор на Нелт Група.
Инвестиции во инфраструктура и дигитализација
Во рамките на стратегијата „Подем 2030“, оваа година се реализирани околу 30 милиони евра инвестиции во проширување и модернизација на магацинската и логистичката инфраструктура, зголемување на производствените капацитети и дигитална трансформација на клучните процеси. Во Албанија и Босна и Херцеговина беа отворени нови, современи магацини, додека во Замбија започна изградбата на нов бизнис-дистрибутивен центар. Во Baby Food Factory се инсталирани нови производствени линии, што овозможува зголемување на капацитетите и понатамошен развој на портфолиото.
Сите деловни единици на Групацијата бележат раст на приходите
• Нелт Адрија (во рамки на која работи и Nelt ST во Северна Македонија): раст на приходите од 16%, на повеќе од 400 милиони евра • Нелт Србија: раст на приходите од 7%, на повеќе од една милијарда евра • Нелт Африка: раст на приходите од 11%, на 60 милиони евра
Овој резултат е постигнат благодарение на зајакнувањето на портфолиото, новите принципали и логистички партнери, меѓу кои се JTI (Албанија), Beiersdorf (Замбија), Mondelez (Ангола), Revlon (Србија), Bambi (Северна Македонија) и други.
Лидерство на брендови во клучните категории
Компаниите Baby Food Factory, Neoplanta и Chips Way забележаа кумулативен раст на приходите од 7% во однос на минатата година, како и раст на пазарното учество, со што дополнително ги зацврстија лидерските позиции во категориите во кои функционираат. Иновациите во портфолиото, инвестициите во технологија и силното управување со брендови остануваат стратешки столбови на развојот на Нелт Група, со планирано понатамошно проширување на капацитетите и влез во нови категории.
Инвестирање во луѓето: шест милиони евра за зголемување на платите
Нелт Група во 2025 година вложи шест милиони евра во зголемување на платите, 1,5 милиони евра во бенефити за вработените, а повеќе од 5.500 часа беа посветени на развој на лидерството и унапредување на компетенциите.
Преку иновативни дигитални платформи како што се SAP SuccessFactors и InfoNelt, вработените имаат поедноставен пристап до информации, поефикасни процеси и побрза внатрешна комуникација, со што позитивно се влијае на нивната мотивација
Што ќе се случува со бензински и дизел автомобили од 2035 година?
Европската унија го ревидира својот план за целосна забрана на нови бензински и дизел автомобили од 2035 година. По предупредувањата од индустријата, слабата продажба на електрични возила и загриженост за работните места, Комисијата сега предвидува моторите со внатрешно согорување да продолжат да се користат, но само со горива со ниски емисии.
Комесарот за одржлив транспорт и туризам, Апостолос Цицикостас, истакна дека ЕУ сака „економски одржлив и социјално праведен“ премин кон климатски неутрални технологии и дека се разгледуваат „сите технолошки решенија“ за намалување на емисиите. Тоа вклучува синтетички горива и биогорива како HVO100, кои ја намалуваат јаглеродната емисија до 90 проценти, како и е-горива од Porsche со речиси безјаглероден отпечаток.
Во меѓувреме, пазарот се менува: електричните автомобили сочинуваат 18,3% од продажбата во Европа, хибридите 34,7%, а приклучно-хибридните возила со 9,4% за првпат ги надминаа дизелите.
Дел од производителите, како „Волво“ и „Полестар“, сè уште се залагаат за задржување на првичниот рок, додека мнозинството европски и американски компании ја поздравуваат новата, пофлексибилна насока. Новиот пакет мерки, кој требаше да се презентира на 10 декември, ќе биде објавен до крајот на месецот.
Лукоил Македонија продолжува со нормално работење, санкциите немаат влијание
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, денеска оцени дека санкциите не влијаат врз работењето на Лукоил Македонија, додавајќи дека бензинските пумпи на компанијата продолжуваат да функционираат нормално.
„Нема никакви проблеми во снабдувањето со нафтени деривати и се одвива нормално. Македонија е најмалку засегната од санкциите, пред се поради тоа што во земјата нема рафинерија ниту на Лукоил, ниту на друга компанија во сопственост на Руската Федерација. Новата одлука на САД сигурно ќе ја подобри ситуацијата“, изјави Бислимоски на прес-конференција.
Тој додаде дека Лукоил Македонија се однесувала коректно во изминатиот период, не отпушти ниту еден вработен и презеде сите неопходни мерки за нормално функционирање.
„Според информациите кои ги имам, компанијата обезбедува нафтени деривати од трговците во земјата, поради што немаше прекин во снабдувањето“, заклучи Бислимоски.
МБИ10 со раст од 0,11%, вкупен промет над 143 милиони денари
Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.
На трговската сесија од 5 декември 2025 година, индексот МБИ10 бележи раст од 0,11%, достигнувајќи ниво од 10.255,62 поени, при вкупен промет од 143,01 милиони денари. Најголем дел од прометот беше резултат на неколку големи блок-зделки, пред сè со акциите на Комерцијална банка, Макпетрол и Градски Институт Македонија. Индексот ОМБ остана непроменет на 128,73 поени, без активности на обврзничкиот пазар .
Најтргувани хартии од вредност
● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 59.850.000 денари (вклучува блок-зделка)
● Макпетрол АД Скопје (MPT) – 7.192.000 денари (вклучува блок-зделка)
● Градски Институт Македонија АД Скопје (GIM) – 64.337.550 денари (вклучува блок-зделка)
Топ добитници
● Гранит АД Скопје (GRN) +1,80%
● ТТК Банка АД Скопје (TTK) +2,99%
Топ губитници
● Алкалоид АД Скопје (ALK) –0,16%
● НЛБ Банка АД Скопје (NLB) –0,14%
● Стопанска банка АД Скопје (STB) –0,12%
Обврзнички пазар
Во текот на денешната сесија не беа реализирани трансакции со државни или корпоративни обврзници. Индексот ОМБ остана стабилен на 128,73 поени, без промена.
Трговијата на Македонската берза на 5 декември 2025 година се одвиваше со вкупен промет од 143 милиони денари, при раст на индексот МБИ10 од 0,11%. Најголем удел во прометот имаа Комерцијална банка, Макпетрол и Градски Институт Македонија, благодарение на реализираните блок-зделки. Меѓу добитниците се издвојуваат Гранит и ТТК Банка, додека Комерцијална банка и Алкалоид бележат минимален пад. Обврзничкиот пазар остана без активности, а вкупната пазарна динамика беше стабилна со ограничени ценовни движења.