Вкупниот промет на компаниите коишто се во сопственост на косовски државјани лани бил 299,4 милиони евра. Тие заеднички направиле добивка од 11,7 милиони евра. Податоците од Бизнис мрежа покажуваат дека приходот на компаниите бил помал отколку во 2023 година, но од друга страна направиле поголема добивка, или нивната профитна маржа се зголемила. Во компаниите се зголемил бројот на вработени од 2.420 во 2023 година на 2.529 лани, а пораснале и платите.
Портфолиото на косовски фирми во Македонија е богато. На врвот од табелата по приход и по добивка е трговскиот синџир Кит-го. Екс фис авијација обезбедува снабдување со гориво за авијација и услуги за полнење во авиони за многу клиенти на различни локации на Балканот. Апетит гроуп е главен производител и продавач на месни производи на територијата на Косово, а има своја фирма и во Скопје. Футуре енерџи трајдинг енд ексчајнџ динамикс е од енергетскиот сектор, но и покрај тоа што има приход од 22,8 милиони евра е во загуба и има блокирана сметка. Рецкосс-транс е од дејноста транспорт, Океан ком трејд е дистрибутивна компанија со храна и средства за чистење.
Вива Фреш Сторе е друштво кое се занимава со продажба на мало на стоки во неспецијализирани продавници-супермаркети каде преовладуваат храна, пијалоци и тутун. Сепак, прометот од 10,3 милиони евра не можел да ја спречи загубата произлезена од минатогодишното работење, која изнесува 117 илјади евра.
Услугите што ги нуди Ескаватори-Мк се: производство на сите видови асфалт, изградба на нови патишта, рехабилитација на патишта, мостови и други патни објекти. Елкос гроуп има трговски комплекс во Гостивар. Блу чип е познат по салоните Комодита.
Десетте најголеми компании по приход според остварените резултати се значајни играчи на македонскиот пазар. Нивните приходи се движат од 6,7 милиони евра до 99,7 милиони евра. Она што особено се истакнува е дека сите овие фирми, освен Ескаватори-Мк, во 2024 година имаат поголем приход отколку во 2023 година. Но, тоа не е случај и со добивките.
Кит-го имала најголем приход (99,7 милиони евра) и годишен раст од 14,7 насто. Шампион е и по добивка (2,8 милиони евра), но таа е намалена за 28,2 насто во однос на 2023 година.
ЧЕТИРИ КОМПАНИИ ИАКО НЕ СЕ НАЈГОЛЕМИ ПО ПРИХОД СЕ МЕЃУ НАЈГОЛЕМИТЕ ПО ДОБИВКА
Листата на најголеми компании по добивка ја дополнуваат 4 нови компании коишто не успеале да влезат во шампионската листа по приход. Едноставно, тие успеале да направат подобри профитни маржи.
Кај десетте најголеми работодавачи во 2024 година имало 1.680 вработени, речиси 100 повеќе отколку во 2023 година, кога имало 1.585 вработени. Шампион и по вработеност, како и по приход и по добивка е трговскиот синџир КИТ-ГО со 966 вработени. Таму лани имало 901 вработен.
Кога станува збор за највисоки плати се појавуваат сосем нови играчи. Во косовските фирми може и многу да се заработи. Во фирмата Новус има 6 вработени, а просечната нето-плата лани била 145.761 денар, што е речиси 30 отсто помалку од просекот во 2023 година. Во Друштвото за трговија и услуги Интерпроект-гроуп од Врапчиште има слично висок просек, но всушност и не станува збор за просек – туку за плата на еден вработен, а таа изнесувала 138.252 денари, додека во 2023 година просекот бил само 18.043 денари. Другите плати во првата десетка во просек се движат од 58.251 денар до 75.074 денари.
Цените на бакарот достигнаа историски рекорд на светските пазари. Во петокот, металот се тргуваше над 11.700 долари за тон, откако „Сити“ ја зголеми својата целна цена поради ограничената понуда. Иако во изминатата недела цената благо се намали, бакарот останува близу највисоките нивоа досега.
Покрај тоа, златото продолжува да ја привлекува вниманието на централните банки. Оваа година, златото за прв пат од 1996 година сочинува поголем дел од резервите на централните банки отколку американските државни обврзници. Од 2010 до 2021 година, централните банки купуваа просечно 473 тони злато годишно, додека во 2022 година набавките достигнаа рекордни 1.136 тони, а минатата година 1.045 тони.
Кинескиот канал Солун–Дунав повторно актуелен: Македонија би била клучна транзитна точка
Кина повторно го разгледува амбициозниот план за изградба на воден канал кој би го поврзал Егејското Море со Дунав преку реките Вардар и Морава – проект што би можел драматично да го скрати транспортот на стоки од Азија кон Европа за околу 1.000 километри. Иницијативата, вредна околу 17 милијарди долари, се разгледува како дел од глобалната стратегија „Еден појас, еден пат“, пишува N1 БиХ.
Каналот би минувал низ Грција, Македонија, Косово и Србија, што го прави регионален проект од извонредно геостратешко значење. Воедно, завршувањето на ваквиот воден пат би претставувало силен удар за Турција, бидејќи голем дел од меѓународниот транспорт би се одвивал надвор од Босфорот и Дарданелите.
Според досегашните студии што ги изработи China Gezhouba Group, проектот е технички изводлив. Предложениот коридор би го поврзал Солун со Дунав преку Вардар и Морава, со потреба од значителни градежни интервенции, продлабочување на коритата и отворање нови канали, вклучително и делници во региони како Прешевската Долина.
Клучни аспекти на проектот:
Стратешка вредност: Каналот би овозможил алтернативен европски воден пат, со значително намалени трошоци и време на транспорт. Инфраструктура: Бара огромни инженерски зафати – проширување на постојните речни корита, нови канали и современи водени патишта. Регионална соработка: Кина води разговори со Србија, Косово, Македонија и Грција, но конечна согласност сè уште нема. Еколошки предизвици: Промените во природните речни текови и потенцијални дислокации на население се меѓу најконтроверзните прашања. Геополитика: Проектот би го зајакнал кинеското влијание на Балканот и би ја намалил улогата на Турција во регионалниот транспорт.
Концептот за водна врска меѓу Дунав и Егејското Море не е нов – идејата постои уште од 19 век. Во 1907 година американска инженерска комисија го разгледувала истиот проект, но војните и политичките кризи во Европа повеќепати го одложуваа.
Денес, Солун се смета за најлогична точка за влез во овој замислен воден коридор кон Централна Европа. Доколку планот се реализира, Грција би добила значајна логистичка предност, а Балканот би станал клучна раскрсница за копнен и воден транспорт меѓу Истокот и Европа.
Разговорите продолжуваат, а судбината на проектот зависи од политичката волја на балканските земји и геополитичката рамнотежа во регионот.
УЈП изрече забрани за работа на 113 фирми поради неиздавање фискални сметки
Секоја четврта контрола на Управата за јавни приходи открива дека даночните обврзници не издаваат фискални сметки. Од околу 4.000 спроведени контроли, изречени се повеќе од 2.500 казни, а кај 113 правни субјекти е изречена мерка забрана за вршење дејност.
„Фактот дека секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност во делот на неиздавање фискални сметки укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет“, информираат од УЈП.
Инспекциските служби утврдиле и други неправилности, меѓу кои неуплаќање на дневниот промет на банкарска сметка и неводење книга на дневни финансиски извештаи.