Македонија
Охрид станува светска дестинација за стоматологија: Центарот „Д-р Баткоски“ доби престижна награда
Сместен во Охрид, стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ е приватна здравствена установа која во последната деценија изгради препознатливост по комбинацијата од врвна технологија, силен професионален тим и топол, човечки пристап кон пациентите. Токму таа непосредност грижата и фокус на секој поединечен пациент, според менаџерот и основач на современиот стоматолошки центар д-р Небојша Баткоски, е она што ја креира довербата кај пациентите. Центарот нуди широк спектар на услуги – од превентивна и детска стоматологија, преку естетски и протетски третмани, до имплантологија, алајнери и решенија наменети за пациенти од странство, со силен фокус на стоматолошки туризам и европски стандарди на работа.
Повод за ова интервју е најновото меѓународно признание на Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, престижната награда THE BIZZ AWARD за деловна извонредност, во организација на WORLD CONFEDERATION OF BUSINESSES (WORLDCOB). Со д-р Небојша Баткоски разговараме за патот до ова признание, за личната и за професионалната приказна зад брендот „Д-р Баткоски“, за стоматолошкиот туризам и за тоа како изгледа иднината на современата стоматологија гледано од Охрид кон Европа и светот.
WORLD CONFEDERATION OF BUSINESSES во вашата работа препозна вредност која ви донесе уште едно меѓународно признание. Добитник сте на наградата THE BIZZ AWARD за деловна извонредност. Како дојде до тоа стоматолошки центар од Охрид да биде добитник на оваа награда?
– Фактот што World Confederation of Businesses ја препозна вредноста во нашата работа не е случајност. Тоа произлегува од континуирани меѓународни обуки во Швајцарија, Дубаи и во Германија, постојана имплементација на современи технологии и инвестиции во највисок квалитет на услуги. Нашата визија да бидеме лидери, а не следбеници – тоа е причината што го добивме ова меѓународно признание. Процесот на селекција подразбираше детална проценка на повеќе сегменти, како квалитетот на услугите и стандардите на работа, начинот на кој се грижиме за пациентите, и начинот на менаџирање на тимот и развојот на бизнисот. За организацијата која ги следи најдобрите практики во светот, беше важно да види дека работиме според исти или слични стандарди со реномирани центри во големите светски метрополи. За нас ова признание е потврда дека доследното вложување во едукација, технологија и човечкиот пристап не останува незабележано и надвор од границите на државата.
Меѓународното признание е потврда и за Вашиот личен влог да изградите еден професионален центар кој во регионот и пошироко се истакнува по квалитет и иновативност во услугите. Што значи оваа награда за Вас лично како доктор и менаџер, а што за тимот и за пациентите на стоматолошкиот центар?
– За мене ова признание е големо задоволство затоа што вложениот труд и долгогодишната посветеност се препознаени и вреднувани. Во минатото бевме признати како едни од Best Regional Hospitals, а јас лично ја добив наградата Manager of the Year во Оксфорд во 2016 година. Овие признанија, заедно со денешното, само потврдуваат дека континуирано работиме со исто темпо, фокус и успех, oваа награда е резултат на постојана работа, мотивација и професионален ангажман на целиот тим. За центарот тоа е и чест и обврска да го задржи постигнатиот квалитет и да продолжи да се развива, a за пациентите – признанието е најдобра потврда дека добиваат сигурна, квалитетна и современа услуга.

WORLDCOB ве покани да ви го додели и признанието за деловна извонредност. Кога и каде ќе ја примите оваа меѓународна наградата и како таа му користи на еден стоматолошки центар од Македонија?
– Наградата ќе ја примиме во Чикаго, и тоа за нас претставува голема чест. Отсекогаш сум велел дека кога посветено ја работиме нашата професија и ја цениме како вистинска пасија, резултатите неизбежно доаѓаат. Фактот што стоматолошки центар од Македонија е признат на вакво ниво само покажува дека не сме хендикепирани затоа што доаѓаме од помала земја – напротив, го користиме тој моментум за да докажеме дека можеме рамноправно да парираме со најдобрите во светот. Присуството во Чикаго, во друштво на компании и лидери од различни индустрии, отвора врати за нови контакти, размена на искуства и можни партнерства, особено во делот на стоматолошкиот туризам и едукацијата. Ова се важни платформи за еден стоматолошки центар од Македонија, затоа што носат поголема меѓународна видливост, зголемена доверба кај странските пациенти и дополнителен аргумент кога комуницираме со партнери од Европа и од дијаспората. Накратко, наградата не е само симболичен трофеј – таа е алатка што ни помага да го позиционираме Охрид и нашата клиника како сериозен играч на мапата на современата стоматологија.
За оние што првпат слушаат за вас, како започна приказната на стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ и како стигнавте да бидете најголемиот стоматолошки центар во Македонија?
– Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ го основа мојот татко, Јован Баткоски, а вистинската приказна започна со завршувањето на мојата специјализација во 2012 година. Мојата визија и сон беа препознаени и поддржани од мојот дедо Ѓорги, кој помогна проектот да се реализира. Со текот на годините, преку континуирана работа, посветеност и професионализам, Центарот се развиваше и постепено стана еден меѓу најголемиот стоматолошки центар во Македонија, со низа успеси и меѓународни награди. Почнавме како семејна ординација со јасна идеја, да понудиме стоматологија која е технолошки напредна, но истовремено топла и човечка. Од прв ден вниманието беше насочено не само на третманот, туку и на целокупното искуство на пациентот. Со проширувањето на тимот, воведувањето нови специјалности и инвестициите во современа опрема, центарот постепено премина од мала ординација во референтен стоматолошки центар во регионот. Денес работиме како мултидисциплинарен тим, каде што секој доктор има специфична експертиза, а пациентите добиваат комплетен план на третман – од превенција, преку естетика, до комплексни имплантолошки и ортодонтски решенија. Ова континуирано градење, чекор по чекор, е клучот за нашето позиционирање.
Стоматолошкиот туризам е дејност која засебно се развива како бизнис и во последниве години бележи и раст и развој. Дали имате пациенти од странство и кои услуги тие најчесто ги користат?
– Стоматолошкиот туризам бележи значителен раст, па затоа имаме засебна канцеларија во Милано. Имаме редовни пациенти од Европа и пошироко, кои доаѓаат организирано или преку дијаспора. Најчесто користат имплантолошки и протетски третмани „Холивуд смајл“, ламинати и Invisalign третмани, а со текот на годините овој проект се развива успешно и континуирано. Честа слика е пациент кој доаѓа со јасна желба да ја подобри својата насмевка, а си заминува со комплетно променет изглед, поголема самодоверба и желба повторно да се врати, не само во клиниката, туку и во градот. Тоа е суштината на стоматолошкиот туризам што го развиваме.

Ги следите новите современи технологии и иновации во стоматологијата на светско ниво и впечаток е дека и услугите во Центарот се според светските трендови во стоматологијата. Што може да се очекува во Центарот во иднина?
– Во текот на наредната година планираме значително проширување со нов современ дел и добивање лиценца за едукативен и тренинг имплантолошки центар. Со тоа ќе бидеме единствени во Македонија каде ќе се едуцираат и тренираат млади доктори од Израел и од Виетнам – првата група ќе ни дојде во последната недела од февруари. На овој начин не само што ја подигнуваме стручноста на нашиот тим, туку и придонесуваме за развој на стоматолошкиот туризам и ширење на современи технологии во стоматологијата. Нашата амбиција е Охрид да стане препознатлива точка не само за убавина и туризам, туку и по современа стоматологија и едукација, место каде што се создаваат нови генерации на доктори.
Македонија
Крилото на Таравари во Алијансата на Албанците ја искажа поддршката за припадниците на УЧК обвинети за воени злосторства во Хаг
Политичките крила отворено се судираат пред најавениот масовен протест во одбрана на поранешните водачи на ОВК, кои се неправедно притворени во Хаг.
Градоначалникот на Чаир Изет Меџити, и лидер на владејачкото Демократско движење, ја потврди својата поддршка за настанот. Како прв човек на општината каде што треба да се одржи протестот, Меџити соопшти дека ќе даде согласност за негово одржување. Сепак, градоначалникот остави мистерија околу своето лично присуство, фрлајќи сомнеж за неговиот директен ангажман.
„Според законот, поднесовме две барања до Град Скопје… очекуваме дозволата да биде издадена без пречки, бидејќи тоа е уставно право“, истакна Бујар Дардишта од Организацискиот совет.
Едно од трите крила на Алијансата за Албанците, предводено од Арбен Таравари, излезе со отворена поддршка и директен повик до јавноста.
„Во овој важен момент за националното достоинство, ги повикуваме сите Албанци, без оглед на политичките убедувања, масовно да се приклучат на протестот што ќе се одржи на 13 декември, на плоштадот „Скендербег“ во Скопје.“ „Нашиот заеднички глас мора јасно да се чуе во одбрана на правдата и вистината за ослободителната војна, најчистата и најправедната војна што ја водеше албанскиот народ за слобода.“
Додека тензиите растат, премиерот Христијан Мицкоски излезе со остра критика кон лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој го најави протестот. Мицкоски јавно го нарече потегот погрешен и побара Ахмети да ја преиспита својата одлука.
Се чека финалната дозвола од Град Скопје за да започне масовниот собир, кој ветува да биде еден од најтурбулентните политички моменти во главниот град оваа година.
Македонија
Судењето за пожарот во Кочани продолжува: Одбраната на поранешните директори на ДЗС и министри за економија ги изложува своите сведоштва
Пред Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судењето за тешките дела против општата сигурност во врска со катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, 2012 година, во кој животот го загубија 63 лица, а над 210 беа повредени. На третото рочиште, одбраната ги изнесува своите воведни зборови, при што фокусот е ставен на поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и поранешни министри за економија.
Денеска, први пред судот се обратија бранителите на четворицата поранешни директори на ДЗС, Шабан Салиу, Аднан Џафероски, Беким Максути и Џеват Селами, како и на главниот инспектор Љупчо Грнчиштанов.
Петмината се обвинети дека од 2012 година не распоредиле инспектор за заштита и спасување во Кочани и не спровеле инспекциски надзор во „Пулс“, со што не ги провериле задолжителните услови за противпожарна заштита. Тие се наоѓаат на листата од 35 обвинети под редните броеви 18 до 22.
Списокот на обвинети потоа ги опфаќа поранешните министри за економија, Ваљон Сараќини и Крешник Бектеши. Тие се обвинети дека ги издале лиценците за работа на дискотеката без соодветна проверка на документацијата, како и петмина службеници од министерството: Џеваир Камбери, Шефкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу и Арлинда Касапи. Камбери дополнително е обвинет и за примање поткуп во два наврати за издавање на лиценцата на „Пулс“.
На денешното рочиште се очекува да се слушне и воведниот збор на одбраната на поранешните министри.
На претходните рочишта, одбраните на другите обвинети веќе ги изнесоа своите аргументи, насочувајќи го фокусот на други фактори.
Бранителите истакнаа дека причина за пожарот е употребата на пиротехника, а не пропуст во градежната конструкција, која ниту се урнала, ниту и се оштетила статиката. Тие потенцираа дека инспекторите не се надлежни за ентериерот, туку само за промени во габаритот и дека не смееле да влезат во приватен објект без писмен налог за вонреден надзор.
Одбраната на поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитров, нагласи дека тој бил единствениот кој реагирал и поднел барање до надлежните да не се издаде дозвола за работа на „Пулс“. Димитров праша „каква правда може да се добие, ако се обвинуваат луѓе што не се виновни“ и предупреди на опасност од „заменски обвинети“. Слични ставови изнесоа и адвокатите на другите ексградоначалници Николчо Илијев и Љупчо Папазов, потенцирајќи дека локалната власт немала никакви ингеренции, бидејќи надлежноста била исклучиво на државните инспекторати.
На рочиштето на 4 декември, одбраната на членовите на обезбедувањето оцени дека обвинението е неосновано и без докази, изградено врз „хаотични претпоставки“, посочувајќи дека тие имале ограничени задачи и како клучни причини за трагедијата ги посочија институционалните пропусти и недостигот на надзор.
Поради обемноста на случајот, не се очекува денеска да завршат воведните зборови на сите обвинети. Најверојатно за утре ќе остане излагањето на бранителите на пазарните инспектори Миле Ампов, Блашка Евтимова, Весна Кузмановска и Емил Митев, поранешната државна секретарка во Министерството за економија Размена Чекиќ Дуровиќ и сопственикот на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев.
Сите 35 обвинети на рочиштето на 2 декември се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за обвинението.
Македонија
Германски воен авион наместо во Приштина – принудно слета во Скопје
Германски воен авион денеска не успеал да слета на аеродромот „Адем Јашари“ во Приштина поради недостиг на сертифициран персонал за слетување во услови на намалена видливост.
Од Агенцијата за воздушна навигација информираа дека другите летови функционираат нормално, а проблемот се однесувал конкретно на воениот лет.
Податоците од платформата Flightradar24 покажуваат дека авионот полетал од Берлин во 8:40 часот наутро и бил пренасочен кон Скопје, каде безбедно слетал.
Инцидентот повторно го отвори прашањето за техничката подготвеност на аеродромот во Приштина за слетувања во комплексни метеоролошки услови.
Трендинг
-
Црна Хроника7 days agoПолициска акција: Уаспени Украинки во Горно Седларце – МВР со детали
-
Црна Хроника3 days agoОбид за кражба завршил со пожар во Брвеница – Полицијата со детали
-
Балкан3 days agoДрама во Србија: БМВ се заби во камион, возачот со цигара тврди: „Не знам, ме удри камион“ (ВИДЕО)
-
Република6 days agoЕве од кога ќе почнат да работаат камерите од „Безбеден град“ во Тетово и Куманово
-
Црна Хроника5 days agoПолицијата го лоцираше украденото „Ауди“ за неколку часа – младиот тетовец уапсен!
-
Црна Хроника14 hours agoПолицијата во Тетово со полни раце работа – Уапсени пет лица
-
Скопје6 days agoСекое застанување на булевар на „пет минути“ ќе се санкционира, вели Топаловски
-
Економија3 days agoКинескиот канал Солун–Дунав повторно актуелен: Македонија би била клучна транзитна точка















