Празничната еуфорија доби горчлив вкус за еден 47-годишен жител на Штип, кој синоќа беше лишен од слобода откако полицијата пронашла цел арсенал пиротехнички средства на неговата тезга на централниот плоштад „Слобода“.
Акцијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) – Штип резултираше со запленување на вкупно 4.333 парчиња разновидна пиротехника. Првично, во 20:15 часот, полициските службеници на тезгата на М.Н. (47) од Штип, пронашле и одзеле 1.340 парчиња петарди и други пиротехнички направи.
Но, тоа бил само почеток.
Подоцна, со судска наредба, извршен е претрес во домот на уапсениот, каде е откриена дополнителна, огромна количина – уште 2.993 парчиња експлозивни материи.
Лицето е задржано во полициска станица, а јавен обвинител е известен за случајот. По комплетирање на документацијата, против штипјанецот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по член 396 од Кривичниот законик – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, дело за кое се предвидени затворски казни до десет години.
По овој случај, Министерството за внатрешни работи утринава со жесток апел до граѓаните – да се воздржат од употреба на пиротехника за време на новогодишните празници.
„Петардите не се играчка! Нивното користење е строго забрането, а празничното пукање може да биде исклучително опасно по животот и здравјето, оставајќи екстремно тешки, ненадоместливи и трајни последици“ – нагласуваат од МВР.
Портпаролот Гоце Андреевски посочи дека активностите против пиротехниката се континуирани и со засилена динамика пред и за време на празниците, со цел да се подигне свесноста кај младите и нивните родители.
МВР најавува засилени акциски контроли за санкционирање на користењето и нелегалната продажба.
Законот за прекршоци против јавниот ред и мир предвидува глоби за неовластена употреба. Кривичниот законик (член 396) за нелегално тргување и држење експлозивни материи, пак, предвидува затвор од три до десет години. Доколку се работи за поголема количина или забранети средства, казната е најмалку пет години затвор.
Министерството, во соработка со невладините организации, ги повикува и родителите да не им купуваат пиротехника на своите деца за да се избегнат трагични последици.
Граѓаните се охрабруваат да ги почитуваат законските прописи и сите нарушувања да ги пријават на полициските телефонски броеви 192 или 112.








