Во екот на наглото заострување на миграциската политика во Европската Унија, земјите членки се согласија да го засилат притисокот врз одбиените баратели на азил и да ги направат депортациите поефикасни. Овој нов, строг курс, договорен неодамна во Брисел, отвора пат за контроверзни планови како оној на италијанската премиерка Џорџа Мелони.
И покрај правните пречки и сомнежи, Џорџа Мелони е непоколеблива: нејзината десничарска влада и натаму е цврсто убедена дека контроверзните центри за депортација во Албанија ќе профункционираат според предвиденото.
„Сè оди точно како што отсекогаш ви велев: Центрите во Албанија ќе работат!“, триумфално им порача Мелони на поддржувачите на нејзината партија Браќа на Италија, на настан во Рим оваа недела.
Премиерката го искористи договорот на ЕУ за построг став кон миграцијата како потврда на својата визија. Имено, Европската Унија размислува за овозможување центрите за враќање да функционираат и во земји надвор од ЕУ, вклучително и Албанија, иако овие планови сè уште чекаат конечно одобрување.
Меѓутоа, амбициозниот план на Италија за масовно враќање на одбиените азиланти – дури и пред да стапнат на италијанско тло – досега бележи мал напредок. Префрлањето на одлуките за барањата за азил во Албанија беше забрането со неколку судски пресуди и од италијанските и од европските судски власти.








