Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска треба да го добие новото партиско раководство. Претседателот на партијата, Венко Филипче, најави дека составот на новиот врв ќе биде објавен по седницата на Централниот одбор, закажана за денеска.
Процесот следува откако на почетокот на декември целото досегашно раководство поднесе оставка на барање на Филипче, кој единствено ја задржа лидерската функција. Со тоа, како што велат од партијата, беше отворен простор за кадровско освежување и нов почеток.
Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ, Филипче синоќа потврди дека списокот со новите функционери е веќе подготвен. Според него, станува збор за внимателно избалансиран тим во кој ќе има и искусни кадри и помлади луѓе кои допрва треба да се профилираат во политиката.
Дел од имињата веќе се познати. Функцијата генерален секретар ќе продолжи да ја извршува Александар Саша Димитријевиќ, додека за еден од потпретседателите е предложен Александар Трајановски, ортопед и поранешен кандидат за градоначалник на општина Аеродром.
Филипче не крие дека составувањето на новиот тим било предизвик.
„Најтешко е да се направи вистинска комбинација – да ги задржите искусните луѓе, а истовремено да отворите простор за млади кои сакаат да учат и да се развиваат. Тоа не е проблем само во политиката, туку во секоја организација каде што е потребна смена на генерации“, рече тој.
Притоа нагласи дека долгогодишните партиски кадри нема да бидат тргнати настрана. Напротив, како што вели, вратата за нив останува отворена, со јасна улога во пренесувањето на знаењето и искуството кон помладите членови.
„Таков тим ќе се формира и ќе биде официјализиран денеска“, порача лидерот на СДСМ.
На прашањето зошто самиот не поднел оставка по изборниот пораз, Филипче одговори дека функцијата претседател ја презел неодамна и дека неговата задача е токму да го води процесот на внатрешна консолидација.
По оставките на 2 декември, од СДСМ тогаш порачаа дека станува збор за „одговорен и морален чекор“ со кој се отвора ново поглавје за партијата, со фокус на кадровско освежување, организациско зајакнување и враќање на енергијата во членството.









