Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека Европската Унија се соочува со сериозни предизвици, предупредувајќи дека најголемата закана за Унијата не доаѓа однадвор, туку од нејзината сопствена неодлучност и неспособност навреме да носи клучни одлуки.
Говорејќи пред пратениците во Долниот дом на италијанскиот парламент, Мелони нагласи дека актуелниот геополитички момент бара прагматичен пристап, ослободен од идеолошки догматизам. Според неа, токму таквиот пристап е неопходен за соодветен одговор на новата безбедносна стратегија на Соединетите Американски Држави.
„Бесмислено и штетно е да се напаѓаат имагинарни непријатели. Вистинскиот проблем е нашата неспособност да изнаоѓаме конкретни и одржливи решенија“, истакна Мелони во пресрет на претстојниот Самит на ЕУ.
Премиерката се осврна и на прашањето за користење на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина, оценувајќи дека станува збор за сложен процес кој мора да биде заснован на цврста и правно издржлива основа. Таа ја повтори поддршката на Италија за Украина и ставот дека Русија треба да ги сноси трошоците за војната, но додаде дека Москва поставува, како што рече, „неразумни“ услови во рамките на мировните напори поддржани од САД.
Мелони упати критики и до предлог-буџетот на Европската комисија за периодот 2028–2034 година, оценувајќи дека во сегашната форма е неприфатлив за Италија. Таа посочи дека документот предвидува зголемени финансиски придонеси, но намалени средства за политики кои се од клучно значење за земјата, како заедничката земјоделска и кохезиската политика.
„Нема да прифатиме да плаќаме повеќе, а да добиваме помалку“, порача италијанската премиерка.









