Советот на јавни обвинители денеска не успеа да избере вршител на должноста државен јавен обвинител, откако пропадна итната седница поради отсуство на еден од членовите. Од Советот уверуваат дека станувало збор за оправдано отсуство.
„Седницата на Советот на јавните обвинители, закажана за 18 декември 2025 година во 11 часот, по предлог на член на Советот, а поради оправдано отсуство на еден од членовите, се одложува за 22 декември 2025 година, понеделник, со почеток во 11 часот“, соопштија од Советот.
Изборот на в.д. државен обвинител требаше да се реализира по итна постапка, откако досегашниот државен обвинител Љупчо Коцевски завчера поднесе неотповиклива оставка во Собранието. Оставката дојде токму на денот кога пратениците требаше да го разгледуваат предлогот за негово разрешување, поднесен од Владата.
По заминувањето на Коцевски, Собранието е обврзано во најкраток можен рок да распише оглас за избор на нов државен обвинител. До тогаш, функцијата ја врши вршител на должност, кој се избира од редот на републичките јавни обвинители, а го именува Советот на јавни обвинители.









