Во свечена атмосфера во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, денес беа одбележани три децении од воспоставувањето на дипломатските односи на Република Македонија со 14 земји, меѓу кои Соединетите Американски Држави, Грција, Австралија, Саудиска Арабија, Романија, Молдавија, Индија, Естонија, Украина, Казахстан, Монголија, Азербејџан, Литванија и Израел.
Свои обраќања на настанот имаа заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, како и амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте.
Во своето обраќање, заменик министерот Димитровски истакна дека денес се слави „триесетгодишно патување на просперитет и взаемно почитување“ кое започнало во 1995 година. „Во тие рани години на нашата независност, секое воспоставување на дипломатски односи беше вистински камен-темелник во градењето на нашата државност. Тие први чекори го одбележаа нашиот непоколеблив пат кон западноевропските вредности и нашите аспирации за интеграција во евроатлантското семејство“, нагласи Димитровски.
Свечениот настан беше прилика да се потсети на значењето на долгорочната соработка и пријателството меѓу Република Македонија и земјите партнери, како и на заедничките вредности кои ги градат меѓусебните односи во изминатите три децении.









