Владимир Путин денеска ќе застане пред микрофоните во Москва за својата традиционална годишна прес-конференција, соочувајќи се со низа прашања од домашни и странски новинари. Настанот, кој обично трае часови, ќе биде следен внимателно, додека рускиот лидер одговара на најразлични теми, од внатрешната политика до меѓународните односи, јавува ДПА.
Оваа година медиумскиот спектакл повторно ќе биде комбиниран со ТВ-емисијата „Директна линија“, во која граѓаните на Русија имаат можност директно да се обратат до шефот на Кремљ, да ги изложат своите проблеми и да побараат конкретни решенија. Руски државни медиуми најавуваат дека однапред пристигнале над два милиони прашања.
Прес-секретарот на Кремљ, Дмитриј Песков, посочи дека Путин од средата се подготвува за големиот настан. На дневен ред ќе бидат многуте предизвици со кои се соочува земјата – сиромаштијата, социјалните тешкотии, поплаките за здравствениот систем и лошата инфраструктура. Настанот ќе се пренесува низ цела Русија, како на телевизија, така и преку интернет платформи.
Неизбежно, во фокусот ќе биде и војната во Украина, односно руската инвазија започната на 24 февруари 2022 година. Путин традиционално го користи овој телевизиски настан за да се прикаже како грижлив лидер и решавач на проблеми. Минатата година, прес-конференцијата траеше речиси четири и пол часа.









