Група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа предлог-измени и дополнувања на Кривичниот законик со цел построго санкционирање на најтешките сообраќајни прекршоци, вклучувајќи задолжително одземање на возилото на најопасните возачи.
Според предложените законски решенија, возилото ќе се одзема доколку возачот управувал со брзина поголема за најмалку 70 километри на час во населено место или 90 километри на час надвор од населено место, и тоа само за лица кои претходно биле осудувани за кривични дела против безбедноста во сообраќајот. Одземањето ќе се применува и кога возачот управува сопствено возило без право на управување.
Во случај на користење туѓо возило, одземањето ќе биде возможно само доколку се утврди дека сопственикот знаел или требало да знае дека лицето нема право да управува.
Новина во предложените измени е и проширување на санкциите за забрана за управување со моторно возило. Судот ќе може да изрече забрана од шест месеци до 10 години, како и престанок на важењето на возачката дозвола за одредена категорија од една до 10 години. Досегашното ограничување беше најмногу пет години.
Со измените се предвидува и затворска казна од три месеци до три години или парична казна за лица кои со безобѕирно управување го загрозуваат јавниот сообраќај. Под ова спаѓаат возење со алкохол над 1,5 промили, управување под дејство на дрога, возење во спротивна насока, опасно претекнување и екстремно пречекорување на брзината. Исти казни ќе важат и за организаторите и учесниците во нелегални улични трки, како и за лица без положен возачки испит или без важечка дозвола.
Во образложението на предлог-законот се наведува дека измените се одговор на зголемениот број тешки сообраќајни несреќи и жртви, а како примери се наведуваат решенија од Словенија и Австрија.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека измените се дел од проектот „Сејф сити“, чија цел е зголемување на контрола во сообраќајот, санкционирање на најопасните возачи и подобрување на безбедноста на патиштата.







