Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против Б.А. и Д.Х., сопственици и управители на АРЃИРА ДООЕЛ Скопје, поради сомнение за сторено кривично дело „Даночно затајување“ според член 279 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
Првопријавениот Б.А. во периодот 2020 – 2023 година присвоил трговска стока – златен накит во вредност од 197.742.227 денари, при што не пресметал и не уплатил ДДВ во износ од 35.593.601 денар и данок на личен доход од 21.969.161 денар, предизвикувајќи штета на државниот буџет од 57.562.762 денари.
Второпријавениот Д.Х. во 2024 година присвоил дел од увезената стока – златен накит и необработено сребро во вкупна вредност од 22.659.754 денари, избегнувајќи да пријави и уплати ДДВ од 4.551.963 денари и данок на личен доход од 2.809.573 денари, со што државата е оштетена за 7.361.536 денари.
Со овие дејствија, пријавените се стекнале со противправна имотна корист и ја оштетиле државата за вкупно 64.924.298 денари во периодот 2020 – 2024 година.
Финансиската полиција истакнува дека случајот е предаден на Основното јавно обвинителство – Скопје за понатамошно постапување.









