Српскиот претседател Александар Вучиќ увери дека Србија има обезбедено доволно керозин, мазут, дизел и бензин најмалку до 15 јануари, а можеби и до 25 јануари, обидувајќи се да ги смири граѓаните по информациите за проблеми во нафтената индустрија.
Иако државата веќе 70 дена функционира без увоз на нафта, Вучиќ истакна дека енергетскиот систем е стабилен и дека нема причина за паника пред претстојните празници. Тој сепак призна дека ситуацијата е комплицирана, особено поради статусот на Нафтната Индустрија Србија (НИС), за што Белград следната недела ќе испрати итни барања до американската канцеларија за контрола на странски средства (ОФАК) за добивање оперативна лиценца.
„Доволно керозин, мазут, дизел и бензин обезбедивме најмалку до 15 јануари, можеби и до 25 јануари. Никој не треба да се грижи, имаме безброј технички проблеми, но државата знае како да ги реши“, рече Вучиќ.
Претседателот потенцираше дека Србија нема да дозволи колапс на енергетскиот сектор и им се заблагодари на граѓаните за поддршката. „Ве уверувам дека ќе имате доволно од сè што е потребно за празниците. Ќе добивате навремени информации за секоја промена“, додаде тој.









