Железничкиот транспорт во Северна Македонија добива нов стимул: Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја одобри набавката на нови локомотиви со заем од 20,9 милиони евра. Предлог-законот за задолжување на државата е веќе доставен до Собранието, а целта е јасна – да се обнови товарниот возен парк и да се зголеми капацитетот за транспорт на стоки.
„Главната цел на проектот е да се обезбеди повеќе локомотиви кои ќе можат да пружат услуги за транспорт, со што ќе се зголеми и приходот на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД“, стои во Предлог-законот. Независен консултант ангажиран од ЕБОР препорачал набавка на до пет електрични локомотиви со високо техничко ниво. Покрај возилата, проектот вклучува и обука на персоналот, специјални алатки и резервни делови за воспоставување режим на редовно одржување.
Заемот ќе се отплаќа во 22 полугодишни рати во рок од 15 години, со четиригодишен грејс период, а каматната стапка е варијабилна – шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%. Државата ќе плати и еднократна провизија од 1%, додека за неповлечени средства провизијата изнесува половина процент.
Сепак, и покрај оваа инвестиција, проблемите на железницата се далеку од решени. Бизнис-планот за 2025 година покажува дека состојбата со влечните капацитети е критична – железницата работи на граница на техничко-технолошка експлоатациона моќност. Старите локомотиви и вагони, неадекватната структура на товарниот возен парк и ненавремените инвестиции во поправки ја загрозуваат способноста на компанијата да ја исполни планираната работа и возен ред.
Вкупниот инвентарски парк на товарни вагони изнесува 1.382 вагони, од кои само 510 се со важечка ревизија, додека 870 се пред ревизија. Структурата и видот на вагоните не се оптимални за различните видови стоки, а старосната структура е неповолна – многу вагони се стари меѓу 37 и 42 години.
Голем предизвик остануваат и инфраструктурните инвестиции, кои се неопходни за враќање на значењето на железничкиот транспорт во земјата. Приходите од товарниот сообраќај за 2025 година се предвидени да изнесат 7,8 милиони евра, но тоа е значително помалку од планираните трошоци од 13,6 милиони, што ќе резултира со загуба од околу 5,7 милиони евра.
Јасно е дека набавката на нови локомотиви е само прв чекор во обновата на железничкиот транспорт – потребни се многу дополнителни инвестиции за да се врати конкурентноста и стабилноста на секторот.









