Собранието денес заседава на 75. седница, на која централна тема се владините кадровски промени. Пратениците најпрво ќе расправаат за разрешувањето на Орхан Муртезани од функцијата министер за европски прашања, по што треба да следи избор на негов наследник.
За нов вицепремиер и министер за европски прашања е предложен Беким Сали, актуелен пратеник и поранешен министер за здравство.
Реконструкцијата на Владата доаѓа по локалните избори во октомври, откако Изет Меџити ја презеде градоначалничката функција во Општина Чаир и се повлече од позициите прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање. Владата за нов министер за животна средина го предлага поранешниот владин портпарол Муамет Хоџа.
На дневен ред се и повеќе предлог-одлуки за усвојување на годишни програми на државни институции.









