Кавадарчанец го загуби животот откако при лов паднал од карпа висока околу 150 метри, а неговото безживотно тело вчера било извлечено од страна на пожарникарите од ТППЕ Кавадарци.
Од територијалната противпожарна единица информираат дека до нив било доставено барање за извлекување на телото на нивен сограѓанин кој доживеал тешка несреќа на исклучително непристапен терен. На терен веднаш интервенирале петмина пожарникари со специјална алпинистичка опрема за работа на височина.
Во акцијата учествувале и четворица припадници на МВР Кавадарци, како и двајца членови на семејството. Поради стрмниот, тесен и лизгав терен, пожарникарите морале меѓусебно да се обезбедуваат со јажиња за да се избегнат дополнителни несреќи.
По целодневна и исклучително тешка интервенција, телото било успешно извлечено од длабоката бездна и предадено на надлежните органи за понатамошна постапка.










