Канада ќе обезбеди дополнителна економска помош за Украина во износ од 2,5 милијарди долари, најави канадскиот премиер Марк Карни по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Како што истакна Карни, средствата се наменети за поддршка на економската стабилност на Украина и за започнување на процесот на обнова на земјата.
Карни нагласи дека новиот финансиски пакет ќе придонесе за привлекување дополнителни средства од меѓународните финансиски институции, меѓу кои Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и Европската банка за обнова и развој. Според него, ова е клучен чекор за создавање основа за долгорочна реконструкција и развој на Украина.
За време на средбата, канадскиот премиер порача дека постигнувањето праведен и траен мир зависи од подготвеноста на Русија, но и од континуираната меѓународна поддршка за Украина. Тој ја истакна важноста на одржување на меѓународниот притисок врз Москва.
Карни потенцираше дека Канада останува цврсто посветена на поддршката на Украина, оценувајќи дека моментот е од суштинско значење за создавање услови за мир и почеток на обновата.
Покрај економската помош, канадскиот премиер потврди дека Канада ќе продолжи и со воена поддршка за Украина.
Украинскиот претседател Зеленски денеска престојува во Канада во рамки на работна посета, по што ќе отпатува за Соединетите Американски Држави, каде утре во Флорида е најавена негова средба со претседателот Доналд Трамп.










