Македонската ракометна репрезентација вечерва од 20:30 часот во Пореч ќе го одигра првиот контролен натпревар против селекцијата на Хрватска, како дел од подготовките за Европското првенство 2026. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров веќе трет ден престојуваат во Хрватска, каде што го реализираат вториот дел од подготвителниот процес.
Според договорот со домаќинот, предвиден е еден контролен натпревар, по кој македонскиот национален тим ќе остане уште два дена во Пореч и ќе продолжи со тренинзи. Во овој момент, на подготовките учествуваат 20 ракометари.
По паузата за новогодишните празници, репрезентацијата ќе се врати во Скопје, каде што ќе ги продолжи подготовките, а тимот ќе биде комплетиран со приклучувањето на голманот Мартин Томовски, кој во моментов има клупски обврски во Бундеслигата.
До почетокот на Европското првенство, македонските ракометари ќе настапат и на турнир во Швајцарија, каде што ќе одиграат три натпревари против селекциите на Швајцарија, Бахреин и Украина. На шампионатот на Стариот континент, Македонија ќе биде дел од групата со Данска, Португалија и Романија.










