Според најновите податоци објавени од Евростат, Северна Македонија се најде на трето место во Европа по стапката на фемициди — убиства на жени извршени од страна на нивните интимни партнери или членови на семејството во 2023 година. Најновите бројки покажуваат дека во земјата се регистрирани 6 убиени жени на секој милион жители, што ја става веднаш зад Латвија (17/млн) и Литванија (10/млн).
Овие податоци го истакнуваат проблемот со родово-базираното насилство во Македонија, кој е повисок од просекот во Европската Унија, каде стапката за 2023 година изнесува околу 4 жени убиени на милион жители од нивните партнери.
Анализите укажуваат дека ваквите случаи најчесто произлегуваат од домашно насилство и нееднакви родови улоги, а експертите и невладините организации предупредуваат дека недоволна заштита, недостаток на засолништа за жртвите и слаба институционална реакција придонесуваат за продолжување на трагичните случувања.
Иако пред неколку години фемицидот е формално вклучен како посебно кривично дело во македонскиот Кривичен законик, активистите посочуваат дека препознавањето и превенцијата на семејното насилство на почетни фази сè уште не се во доволна мера ефективни, што честопати доведува до фатални исходи.
Оваа статистика повторно ја отвора јавната дебата за потребата од посилна заштита на жените, подобри механизми за поддршка и едукација на институциите, со цел да се спречи ширењето на родово-базираното насилство и да се спасат човечки животи.










