На денешната 4-та седница на Советот на Општина Битола на дневен ред беше точка за донесување заклучоци со кои се демантираат дезинформациите за наводно формирање мигрантски кампови. Во заклучоците јасно се наведува дека на територијата на Општина Битола нема, ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или какви било трајни форми на сместување мигранти.
При разгледувањето на точката, советниците на СДСМ и Поинаку не гласаа за донесување на заклучоците, со образложение дека оваа тема не треба да биде предмет на дискусија во Советот. Според нив, станува збор за прашање кое непотребно се политизира.
Мартин Ивановски, член на Советот на Општина Битола, укажа дека ваквиот став е контрадикторен, имајќи предвид дека само неколку недели претходно истите советници иницирале собирање потписи за свикување вонредна седница токму со цел да се дискутира за истата тема. Според Ивановски, со негласањето за заклучоците се остава простор за понатамошни шпекулации и дезинформации во јавноста.










