Јован Деспотовски, долгогодишен член на СДСМ, ја критикува иницијативата за негово исклучување од партијата како чин што не го одразува ставот на целата организација, туку на „поединци кои во моментов ја водат партијата“. Во интервју за ТВ Сител, тој јасно нагласи дека не гледа напад од СДСМ како партија или од лидерот Венко Филипче, туку „атак од поединци“ кои го користат името на партијата за сопствени цели.
„Мојата матична партија не се однесува вака. Ова што се случува е дело на поединци кои се кријат зад големото име на СДСМ и нанесуваат штета и срам“, рече Деспотовски, истакнувајќи дека огромен број негови сопартијци му се јавиле изминативе денови за да му изразат поддршка, при што првата реакција на повеќето била – „срам“.
Деспотовски категорично демантира каква било соработка со ВМРО-ДПМНЕ, против кого СДСМ тврди дека тој имал намера да ја разнебити партијата. „Ќе ги повикам доказите да се објават јавно. Сакам да видиме кои се тие ‘фамозни разговори, средби и договори’ со кои, наводно, јас требало да ја разнебитувам СДСМ. Нема да го оставам ова така – нема да дозволам срамот да се прикачи на мојата матична партија“, истакна Деспотовски.
Според него, наместо да се отвора фронт против власта, СДСМ „копа ровови меѓусебе“, додека неговата лојалност кон партијата останува непоколеблива.










