Министерството за правда ја презеде иницијативата за подготовка на нов Изборен законик, испраќајќи допис до Собранието и до сите парламентарни партии, како и до независните пратеници, со повик да номинираат по двајца претставници во новоформираната работна група. Очекувањата се групата да започне со работа во втората половина на јануари.
Според информациите од Министерството за правда, ќе биде доставена работна верзија на законот, по која пратениците, преку консултации во своите партии, ќе можат да предложат измени и дополнувања. Министерот за правда, Игор Филков, минатата недела одржа работна средба во Собранието со претседателот Африм Гаши и координаторите на пратеничките групи, на која беше истакната потребата од системско уредување на изборниот процес.
На средбата беше договорено Министерството за правда да формира работна група составена од по двајца претставници од секоја парламентарна партија и независните пратеници. Целта е подготовка на нов Изборен законик кој ќе биде носен со широк политички консензус. Филков потсети дека Министерството веќе подготвило измени во јуни 2025 година, кои ги вклучувале дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но деталите за новиот предлог сè уште не се соопштени.
Не е познато дали предлогот ќе содржи и идеја за една изборна единица, а Министерството нагласува дека конечните решенија ќе произлезат од договор меѓу политичките партии. “За носење квалитетен и одржлив законик е потребен консензус на сите политички актери, и тоа е нашата цел,” велат од Министерството за правда.
Претседателот на Собранието Африм Гаши, потврди дека координаторите на пратеничките групи се согласиле законот да биде донесен со консензус, но не наведе конкретен рок. „Разговаравме за составот на групата, форматот на разговорите и начинот на усогласување на ставовите. Министерството за правда ќе ги повика политичките партии да предложат свои претставници, вклучително и независни пратеници, за да се обезбеди целосен консензус. Штом го имаме текстот, ќе се види дали е целосно нов или делумно изменет, а потоа политичките партии ќе ги достават своите забелешки и ќе започнат преговорите за финално усогласување“, изјави Гаши.
Според него, разговорите ќе започнат веднаш во јануари и ќе се водат со зголемена динамика за да се постигне согласност што е можно побрзо.










