Грипот зема силен замав кај децата, а претпразнично Клиниката за респираторни заболувања во Козле е речиси преполна. Најчести симптоми се висока температура, болки во грлото, напади на кашлица, а во потешки случаи и пневмонија.
Во моментов, осумдесет деца со пневмонија се на болничко лекување, а дневно се вршат и до 250 прегледи. Пет деца се на кислородна поддршка, додека болничките капацитети се речиси целосно исполнети.
Д-р Мирјана Поповска, педијатар во Козле, појаснува дека инфлуенцата кај децата се манифестира со висока фебрилност од 40 до 41 степен, општа омалаксаност, болки во мускулите и прогресивна кашлица. „Ако има тешко дишење или напредува кашлицата, задолжително треба да се побара лекарска помош, бидејќи грипот може да предизвика масивен пневмоничен напад“, вели таа.
Сто триесет деца се хоспитализирани и на Детската клиника во Скопје со различни патологии. Лекарите очекуваат бројот на заболени да продолжи да расте и во наредниот период, а за време на празниците дежурни медицински тимови ќе бидат на располагање за итна помош.










