Москва, 31 декември 2025 – Руската војска објави снимка на која, според нив, се гледа дрон што ја нападнал резиденцијата на претседателот Владимир Путин во Валдај. На снимката се појавува војник со покриено лице, а Министерството за одбрана тврди дека леталото носело шест килограми експлозив.
Русија тврди дека Украина лансирала 91 дрон кон резиденцијата, лоцирана помеѓу Москва и Санкт Петербург, но Киев веднаш го негира нападот и го обвини Кремљ дека ја користи ситуацијата за оправдување на блокирањето на мировните разговори.
Американскиот Институт за проучување на војната (ИСВ) изрази сомнеж во автентичноста на објавените снимки, нагласувајќи дека не се појавиле вообичаените аматерски видеа или локални медиумски записи што обично ги следат украинските напади во внатрешноста на Русија.
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, оцени дека руските обвинувања се „намерно одвлекување на вниманието“ и порача дека никој не треба да ги прифаќа „неоснованите тврдења на агресор кој неселективно ја напаѓа украинската инфраструктура“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, предупреди дека нападот ќе доведе до „зацврстување на руската позиција во преговорите“, додека генералот Александар Романенков го нарече инцидентот „внимателно испланиран терористички напад“.










