Голема полициско-обвинителска акција попладнево се спроведува на повеќе локации низ државата, при што, според неофицијални информации објавени од Нетпресс, досега се уапсени повеќе од 10 лица осомничени за организирано затајување данок и сериозни финансиски злоупотреби.
Меѓу приведените има и вработени во Управата за јавни приходи, кои, според истрагата, ја злоупотребувале својата службена позиција за да овозможуваат незаконски поврати на ДДВ и други даночни малверзации со кои биле нанесени големи штети на државниот буџет.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информираат дека, во координација со Министерството за внатрешни работи, истражителските тимови продолжуваат со претреси и обезбедување докази на повеќе адреси.
Акцијата е резултат на подолга и детална истрага поврзана со финансиски криминал, перење пари и злоупотреба на службена должност, а во наредните часови се очекуваат дополнителни информации од надлежните институции.










