Македонија има последен рок до 1 февруари 2026 година да достави извештај пред Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за тоа колку е напреднато спроведувањето на препораките за заштита на природното и културното наследство во Охридскиот Регион.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, изјави дека е формиран кризен штаб што работи на препораките и дека е сработено многу, но дека е важно да се продолжи со активностите и координацијата со Албанија, бидејќи документот што ќе биде доставен на 1 февруари ќе покаже колку институциите навистина ги спроведуваат мерките.
Оваа обврска следи откако УНЕСКО му даде уште една година шанса на Охрид да не биде впишан на Листата на светското наследство во опасност, но тоа е под услов двете држави – Македонија и Албанија – да покажат конкретни резултати од досега преземените активности.
Комисијата на УНЕСКО претходно побара поправни мерки што вклучуваат подобро управување со урбанизацијата, заштита на езерото и културните вредности, задржување на клучните атрибути на регионот и прилагодување на просторното планирање.
Од извештајот што ќе го оцени УНЕСКО ќе зависи дали Охрид ќе ги задржи статусот на светско природно и културно наследство без да се најде на „црната листа“ на загрозени локалитети.








