Во основното училиште „Киро Глигоров“ се отвора сериозно прашање за безбедноста на учениците. Родителите на учениците од ова училиште во Центар, изминатиот период изразуваат растечка загриженост и страв, особено по последниот инцидент кога ученик од четврто одделение донел нож во училница.
Според сведоштва на родителите, детето досега неколкупати покажувало насилничко однесување кон соучениците, вклучувајќи напади со ножици и физички агресии, а минатата година нападнало и ученик со посебни потреби. Инцидентот со ножот, според родителите, ја „прели чашата“ на трпението и повторно го поттикнува прашањето: дали училиштето навистина презема ефективни мерки за заштита на децата?
По инцидентот од 9 февруари 2026 година, мајката на детето изјавила дека ножот случајно го ставила во ранецот додека подготвувала појадок. Родителите на другите ученици реагираат дека ова објаснување не е доволно и дека училиштето наместо системско решавање, се обидува да го минимизира инцидентот. Според нив, училиштето и раководството повеќе се грижат за заштита на угледот и интересите на семејството на проблематичното дете, отколку за безбедноста на сите ученици.
Група родители доставила и заедничко писмо во кое ја истакнуваат сериозната загриженост за секојдневниот страв и вознемиреност на децата, кои се соочуваат со психофизички притисок и насилство во училница. „Нашите деца секојдневно ја чувствуваат неизвесноста и стравот за својата безбедност. Прашуваме: каква безбедност им се гарантира кога алармантните проблеми не се решаваат навремено?“ – велат тие. Родителите нагласуваат дека безбедноста и добросостојбата на учениците мора да бидат врвен приоритет, а наставниот процес не може да се одвива квалитетно во атмосфера на стрес и постојан страв.
Директорката на училиштето, Билјана Билбиловска, за КУРИР изјави дека училиштето постапило според законските прописи: ученикот бил изведен од паралелката, случајот пријавен кај надлежните институции, а стручните служби го следат детето со индивидуален план за поддршка кој вклучува работа со психолог и специјален едукатор, засилена опсервација и развивање социјални вештини кај паралелката. Таа додаде дека во конкретниот случај не било утврдено заканувачко однесување или намера за повреда на другите ученици.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека случајот е во рака на Државниот просветен инспекторат и дека ќе биде потребна функционална проценка на детето, вклучително и можност да дел од часовите ги помине во друга установа и да добие образовен асистент.
И додека институциите и училиштето тврдат дека се преземени сите мерки, родителите продолжуваат да живеат со неизвесност и страв за безбедноста на своите деца. Јасно е дека кога се работи за безбедноста на децата, трпението и времето не можат да бидат одговор на сериозните проблеми кои со години се повторуваат.














