Европската централна банка (ЕЦБ) ја изрази длабоката загриженост за економските последици од потенцијалната војна со Иран, отфрлајќи ги оценките на американскиот министер за финансии, Скот Бесент, дека ефектите ќе бидат краткотрајни. Според извори на Блумберг, претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, за време на видео-конференција со гувернери на централните банки, министри за финансии и енергетика од Г7, оценила дека ударот врз економијата и енергетската инфраструктура ќе се чувствува долго време, бидејќи „толку многу веќе е уништено“.
Бесент, пак, остана на ставот дека кризата на пазарот на нафта, предизвикана од блокадата на Ормуската Теснина, е привремена. Тој истакна дека глобалниот нафтен пазар е добро снабден и дека теснецот ќе биде повторно отворен во разумен рок.
Лагард, меѓутоа, предупреди дека проекциите на ЕЦБ покажуваат инфлација што би можела да достигне 6,3% во еврозоната, резултат од долготрајни нарушувања во снабдувањето со енергија и уништување на инфраструктурата кое не може да се надомести за неколку месеци. „Се соочуваме со вистински шок, над она што можеме да го замислиме“, рече таа за „Економист“. Според нејзините оценки, клучните сегменти на нафтената индустрија, од извлекување до рафинирање и дистрибуција, се сериозно оштетени, и закрепнувањето нема да се случи преку ноќ.
Г7 најави дека се подготвени да преземат „сите неопходни мерки“ за зачувување на стабилноста и безбедноста на глобалниот енергетски пазар. Сепак, несогласувањата меѓу САД и Европа, забележува Блумберг, ја отсликуваат зголемената тензија околу растечките цени на енергијата и ризиците за логистиката.
Во официјалното соопштение по видео-состанокот, земјите од Г7 нагласиле дека координираните акции се клучни за ублажување на последиците од конфликтот во Заливот и заштита на глобалната економска стабилност, додека инфлацијата во март забрза со најбрзо темпо од 2022 година.












