Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телефонски разговор со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан истакнал дека претстојните разговори меѓу САД и Иран треба целосно да се искористат со цел постигнување траен мир.
Според соопштението од кабинетот на Ердоган, тој нагласил дека е од суштинско значење да не им се остави простор на актери кои би можеле да го нарушат процесот. Турција, како што било посочено, останува подготвена да придонесе во секоја фаза од новите дипломатски напори.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изрази оптимизам дека е можен мировен договор со Иран. Дипломатска делегација, предводена од потпретседателот Џеј Ди Венс, се подготвува за разговори во Пакистан, со цел ставање крај на повеќенеделниот конфликт.












