Спас Ташев од Институтот за проучување на населението и на човекот при Бугарската академија на науките алармира за ерозија на консензусот во Европската унија за т.н. Француски предлог, кој предвидува впишување на Бугарите во македонскиот Устав.
До таков заклучок дошол по неодамнешната посета на Скопје од министерот за надворешни работи на Белгија, Максим Прево, кој порача дека „билатералните прашања не треба да го попречуваат процесот на проширување на Европската Унија“, алудирајќи на бугарското условување на стартот на преговори за зачленување на Македонија со уставните измени.
„Јас го објаснувам тоа повеќе како незнаење, но незнаењето се должи на неколку фактори. Прво – белгиските или другите претставници на западноевропската дипломатија не се обврзани детално да го познаваат македонското прашање. Второ – пасивната бугарска политика во последните години. Постојано апелираме дека мора да имаме проактивна политика, но за жал не гледаме такви примери, што создава пукнатини во општиот европски консензус“, изјави Ташев за Бугарската национална телевизија (БНТ).
Според него, настапот на Прево во Скопје не е изолиран случај во овој поглед, повикувајќи се на слични ставови од високи функционери на Хрватска, Црна Гора, па и на Германија не толку одамна.
„Ако ја премотаме лентата, само во последната година претседателот на Хрватска даде слични изјави, слични пораки стигнаа и од Црна Гора. Во претходните години, дипломатијата на Скопје направи пробив во Германија, каде што Бундестагот тргна да го признава македонскиот идентитет – нешто што не е предмет на меѓународно признавање“, додаде Ташев.
…












