Американски брод, во сопственост на компанијата „Меркс“, успеал да помине низ Ормускиот Теснец без инциденти, во операција што, според соопштенијата, била поддржана од американски воени сили. Настанот доаѓа во момент на силни тензии во регионот и нова ескалација околу клучната поморска рута на Персискиот Залив.
Од Вашингтон беше соопштено дека неколку американски воени бродови биле распоредени во близина, по што два комерцијални танкери под американско знаме успеале да го минат стратешкиот премин. „Меркс“ потврди дека нивниот брод транзитирал без никакви проблеми, оценувајќи дека операцијата била координирана и ефикасна.
Но, развојот на настаните предизвика остри реакции од Техеран. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ја критикуваше американската иницијатива, опишувајќи ја како неуспешен и политички контрапродуктивен потег, алудирајќи дека наместо решение, ситуацијата само дополнително се комплицира. Тој порача дека „воените маневри не можат да заменат политички дијалог“.
Во исто време, американската страна објави дека имало директни акции против ирански поморски цели, вклучително и уништување на неколку брзи бродови во областа на Теснецот. Иранските медиуми, пак, тврдат дека биле погодени цивилни товарни пловила, со пријавени жртви меѓу морнарите.
Регионалната напнатост дополнително се зголеми откако повеќе земји, меѓу кои Јужна Кореја и Обединетите Арапски Емирати, пријавија инциденти со нивни комерцијални бродови. ОАЕ директно го обвинија Иран и за напад врз нафтена инфраструктура во Фуџаира, каде избувнал пожар.
Ормускиот Теснец, една од најважните светски нафтени рути, останува жариште на неизвесност, а блокадите таму веќе создадоа сериозен застој во поморскиот сообраќај. Стотици бродови се заглавени во Персискиот Залив, а илјадници морнари се соочуваат со недостиг од основни залихи.
…












