Во само осум часа вчерашната акциска контрола во Скопје резултираше со санкционирање на 116 возачи на мотоцикли, во рамки на засилени мерки на сообраќајната полиција насочени кон безбедноста на дво-колесните учесници во сообраќајот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека контролата била спроведена во периодот од 10:00 до 18:00 часот на подрачјето на главниот град. Во акцијата учествувале полициски службеници од ОБПС при СВР Скопје, како и од ОП СЕО.
Најголем дел од утврдените прекршоци се однесуваат на основни правила за безбедно учество во сообраќајот. Дури 64 мотоциклисти биле затекнати без заштитна кацига, што претставува и најчестата неправилност. Дополнително, 13 лица управувале мотоцикл без претходно положен возачки испит, додека три возила биле регистрирани како нерегуларни, а биле евидентирани и други видови прекршоци.
Во текот на контролата, од сообраќај биле изземени и три мотоцикли. Причината, како што наведуваат од МВР, е сторено кривично дело според член 297-а од Кривичниот законик, кој се однесува на „безобѕирно управување моторно возило“.
Од полицијата најавуваат дека ваквите засилени контроли нема да застанат тука и ќе продолжат и во наредните денови. Воедно, упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот, особено до мотоциклистите, доследно да ги почитуваат правилата и прописите, со цел намалување на ризиците и зголемување на безбедноста на патиштата.
…












