Силен бран на нестабилно време ја зафати Словенија, носејќи поројни дождови, интензивни грмежи, силни налети на ветер и град што на одредени места достигнал големина на орев. Најтешко погодени беа источните делови од државата, со посебен удар врз регионот Штаерска и градот Марибор, каде што невремето остави видливи последици.
Ветерот на повеќе локации предизвикал вистински хаос: откорнати покриви, паднати дрвја и оштетени електрични столбови. Пожарникарските екипи биле постојано на терен, интервенирајќи на повеќе точки по пријави за штети и опасни ситуации. Дел од инфраструктурата не останала поштедена, а оштетувања се регистрирани и на објекти, вклучително и на Универзитетскиот медицински центар во Марибор.
Метеоролошката служба АРСО претходно го подигнала нивото на предупредување од жолто на портокалово, поради зголемен ризик од силни грмотевични процеси, обилни врнежи, град и опасни налети на ветер.
Невремето се формирало на северот и истокот од земјата, а потоа се движело кон централните и југоисточните региони. Дожд бил регистриран и во главниот град Љубљана, каде што на аеродромот се измерени силни налети на ветер.
Иако најинтензивната фаза веќе поминала, службите предупредуваат дека и понатаму се можни локални налети на ветер и краткотрајни поројни врнежи, со можност за пораст на водостоите во одделни подрачја, но без индикации за поголеми поплави.
Невремето не ја одмина ниту Хрватска, каде што главниот град Загреб беше зафатен од силни грмежи, дожд и ветер. Метеоролозите за поголем дел од внатрешноста на земјата издадоа жолто предупредување поради нестабилните временски услови.
…












