Делницата од Извор до Врбјани ќе биде пуштена во сообраќај на Денот на независноста, 8 септември, според очекувањата на Владата, кои на брифинг со новинарите ги соопшти премиерот Христијан Мицкоски.
Целиот автопат Кичево–Охрид се очекува да биде завршен и ставен во целосна употреба во првиот квартал од 2027 година. За комплетирањето на проектот се обезбедени 175 милиони евра преку заем од домашни банки, при што, како што истакна Мицкоски, финансиски е затворена конструкцијата, што овозможува непречено продолжување на градежните активности на терен.
Премиерот посочи дека паралелно со овој проект ќе се работи и на автопатот Скопје–Блаце, како и на делниците од Коридорот 8. Според најавите, во втората половина од годинава ќе се реализираат активности на вкупно шест автопатски решенија низ државата, со што се забрзува инфраструктурниот развој.











