Хаитската фудбалска репрезентација беше принудена да ги измени своите дресови непосредно пред почетокот на Светското првенство во 2026 година, откако ФИФА оцени дека дел од нивниот дизајн може да се протолкува како политичка порака.
Селекцијата од КОНКАКАФ, која во сабота ќе го одигра првиот натпревар во групната фаза против Шкотска, на Мундијалот ќе настапи со модифицирана верзија на својата опрема.
Производителот на спортска опрема „Саета“ соопшти дека во координација со ФИФА и Хаитската фудбалска асоцијација биле направени сите потребни измени за дресовите да бидат во согласност со правилата на светската куќа на фудбалот.
„Нашата цел беше да создадеме дрес што ќе ја одразува гордоста, отпорноста и духот на хаитскиот народ. Конечниот дизајн никогаш немал политичка порака, туку претставувал почит кон луѓето кои секојдневно придонесуваат за иднината на Хаити“, наведоа од компанијата.
Сепак, при процесот на одобрување, ФИФА оценила дека одредени визуелни елементи би можеле да бидат различно интерпретирани и побарала нивно отстранување.
Спорниот детаљ се наоѓал на десниот дел од дресот и прикажувал силуети инспирирани од Битката кај Вертие и Хаитската револуција. Мотивот бил поврзан со настан од 1803 година, кога револуционерниот водач Жан-Жак Десалин ја отстранил белата лента од француското знаме, создавајќи симбол што подоцна станал знаме на независен Хаити.
И покрај измените, Хаити ќе испише историја со настапот на Светското првенство, бидејќи ова е нивно прво учество на мундијалската сцена по 1974 година. Интересно е што националниот тим ги носеше сега забранетите дресови на неодамнешните пријателски средби против Нов Зеланд и Перу.

…












