Италијанската премиерка Џорџа Мелони остро реагираше на последните коментари на американскиот претседател Доналд Трамп, кој повторно тврдеше дека таа побарала да се фотографира со него за време на самитот на Г7.
Во објава на социјалните мрежи, Мелони порача дека не сака повторно да се навраќа на темата, оценувајќи ги нападите како неосновани и непотребни.
„Овие постојани и неиспровоцирани напади се сосема бесмислени. Мојата популарност не зависи од односот со вас, туку од мојата способност да ги бранам италијанските национални интереси“, истакна Мелони.
Таа нагласи дека секогаш постапувала во интерес на Италија и потсети на одлуките поврзани со користењето на италијанските воени бази од страна на странски сили.
Според неа, употребата на таквите бази е регулирана со меѓународни договори кои мора да се почитуваат и не можат да бидат прекршени додека таа е на чело на владата.
„Италија останува суверена држава. Мојата популарност не треба да ве интересира. Ви предлагам да се фокусирате на вашата“, порача италијанската премиерка.
Размената на пораки меѓу двајцата лидери предизвика големо внимание во јавноста и дополнително ги разгоре политичките дебати околу нивните односи.












