Во Македонија е потврден случај на денга треска кај 42-годишен државјанин на Бангладеш, кој престојувал во земјава поради работа.
Информацијата ја соопшти директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, посочувајќи дека дијагнозата е потврдена со лабораториски анализи направени на Клиниката за инфективни болести во Скопје и во Институтот за јавно здравје.
Пациентот е хоспитализиран на Инфективната клиника, каде што се наоѓа под медицински надзор. Според лекарите, неговата здравствена состојба е стабилна.
Од здравствените власти нагласуваат дека во моментов нема опасност од ширење на болеста меѓу населението, бидејќи денга треската не се пренесува од човек на човек, туку исклучиво преку убод од заразен комарец.
Надлежните институции продолжуваат да ја следат состојбата и апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од комарци, особено во текот на летниот период.
…













