Полицијата приведе 51-годишен маж од скопско под сомнение дека извршил убиство на 48-годишна жена, а во рамки на истрагата лишени од слобода се уште три лица. За случајот е известен јавен обвинител и во тек е интензивна истрага.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 28 јуни 2026 година, околу 01:20 часот, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода С.Г. (51), кој престојувал во селото Таор, скопско, поради основано сомнение дека ја убил Ж.Г. (48).
Два дена претходно, на 26 јуни, С.Г. пријавил во полициска станица дека жената, со која живееле во иста куќа, се оддалечила од домот. Следниот ден, на 27 јуни, повторно се обратил во полицијата, тврдејќи дека ја пронашол почината во близина на селото Летевци, скопско.
На местото веднаш излегле полициски службеници и јавен обвинител, кои извршиле увид. Телото на жената, кое било во фаза на распаѓање, по наредба на обвинителот е предадено на Институтот за судска медицина, каде ќе биде извршена обдукција за утврдување на точната причина за смртта.
По извршениот службен разговор со С.Г., тој бил лишен од слобода. Во врска со случајот, полицијата привела и уште три лица – З.М. (62), Г.Б. (64) и М.Д. (69).
Од МВР информираат дека, во координација со надлежниот јавен обвинител, се преземаат дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со убиството.












