Трендот на онлајн купување во Македонија бележи постојан раст, но истовремено се зголемува и бројот на измами, особено преку социјалните мрежи, каде граѓаните најчесто купуваат од нерегистрирани продавачи без основни податоци за фирмата.
Податоците покажуваат дека македонските граѓани во 2025 година реализирале онлајн трансакции во вредност од 693,1 милиони евра, што укажува на значителен раст на е-трговијата. Сепак, експертите предупредуваат дека зад овој тренд се кријат и сериозни ризици за потрошувачите.
Најголем проблем, како што посочуваат надлежните, е купувањето преку социјални мрежи како Фејсбук и Инстаграм, каде често се продава без регистрирана фирма, без фискална сметка и без правен субјект кој стои зад продажбата. Во такви случаи, граѓаните најчесто немаат доказ за уплата, што ја отежнува секоја постапка за заштита на нивните права.
Од Организацијата на потрошувачите на Македонија наведуваат дека само во 2025 година се регистрирани 744 поплаки поврзани со онлајн купување. Најчести проблеми се доставување погрешни или оштетени производи, несоодветен квалитет, недостиг на гаранција, како и неиздавање фискални сметки и фактури.
Експертите потенцираат дека голем дел од измамите се случуваат токму кај нерегистрирани продавачи, каде нема правна одговорност ниту можност за ефективна институционална реакција. Државниот пазарен инспекторат, како што се наведува, не може да постапува во случаи каде недостасуваат основни податоци за продавачот.
Потрошувачите се советуваат внимателно да проверуваат дали онлајн продавницата е регистрирана фирма, дали нуди сигурни начини на плаќање и дали издава фискална сметка или фактура. Дополнително, се препорачува избегнување на сомнителни понуди со нереални попусти и акции кои се пласираат преку социјалните мрежи.
Соговорниците предупредуваат дека со растот на онлајн трговијата се зголемува и сивата економија, бидејќи дел од продажбата се одвива надвор од регулаторните системи, без даночна евиденција и без контрола од институциите.
Во случај на сомнеж или злоупотреба, граѓаните се упатуваат веднаш да пријават во Министерството за внатрешни работи и надлежните институции за заштита на личните податоци, со цел спречување на понатамошни злоупотреби.
…













