Општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба се најпогодени од невремето кое попладнево го зафати Скопје, информира Центарот за управување со кризи според пристигнатите пријави.
-Поради невремето кое во попладневните часови го зафати подрачјето на Град Скопје, преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 се примени повеќе пријави од граѓани за поплавени подрумски простории, дворови на куќи, магацински простории, подвозници и кружни текови, како и за заглавени возила и други ризици и опасности предизвикани од обилните врнежи, истакнуваат од ЦУК.
Од ЦУК велат дека за сите пријавени случаи веднаш се известени Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и Единиците на локалната самоуправа, кои постапуваат согласно своите надлежности.
Во моментов заседава Кризниот штаб на Град Скопје, кој ги координира активностите на надлежните служби.
…













