На социјалните мрежи масовно се споделува кратко видео на кое, според објавите, се гледа робот кој наводно им се спротивставува на техничарите при обид да биде ограничен или исклучен.
Видеото, кое е споделено на платформата X, е проследено со коментарот: „Дали почна? Робот се побуни и одби да биде задржан!“, што предизвика бројни реакции и дебати меѓу корисниците.
На снимката се гледа робот во затворен простор кој прави ненадејни и агресивни движења, додека неколку лица се обидуваат да го контролираат. Во еден момент присутните се повлекуваат за да избегнат можни повреди.
Сепак, засега нема официјална потврда каде е снимено видеото, за каков тип робот станува збор, ниту дали навистина се работи за дефект, грешка во софтверот или за намерно изведена демонстрација.
Експертите и претходно предупредуваа дека индустриските и хуманоидните роботи можат да направат непредвидени движења доколку дојде до софтверска или механичка неисправност, поради што при тестирање и работа задолжително се применуваат строги безбедносни протоколи.
Видеото за кратко време стана вирално и собра милиони прегледи, но околностите околу инцидентот засега остануваат непотврдени.












