Петнаесетгодишник од Велес е осомничен дека одзел патничко возило „опел“ и предизвикал сообраќајна незгода, по што го напуштил местото на настанот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 4 јули полициски службеници од СВР Велес, во присуство на родител и социјален работник од Центарот за социјални работи Велес, извршиле службен разговор со малолетникот.
Според полицијата, тој истиот ден на улицата „Алексо Демниевски“ во Велес го одзел возилото „опел“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на 63-годишниот О.Т. од Велес. Управувајќи со автомобилот, удрил во бетонски ѕид, а потоа избегал од местото на несреќата.
Набргу по настанот, малолетникот бил пронајден и приведен во полициска станица, а за случајот бил известен надлежен јавен обвинител.
Возилото му е вратено на сопственикот, а по целосното документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.













